Бројките на новозаразени се стабилизираат, мерките се ефикасни ако се почитуваат


– Мерките за заштита од вирусот даваат резултати и доколку се почитуваат, дополнителни не се потребни, рече министерот за здравство Венко Филипче. Тој вчера соопшти дека врвот на епидемијата е достигнат пред една недела и од тогаш бројките се стабилизирани. Групирањето во домашни услови останува ризик, рече, укажувајќи дека огромен дел од ефикасноста на мерките зависи од свеста на граѓаните.



– Бројот на нови позитивни случаи три недели во континуитет е прилично еднаков, нешто што го нотира и СЗО, а тоа е дека бројот на нови случаи забавува.  Практично сме на ниво на едно плато, што е доказ дека Р0 факторот е значајно намален и сега изнесува 1. Апелирам на почитување на мерките, како едиствен начин во моментов целосно да ја стабилизираме состојбата, истакна вчера министерот за здравство.

Во речиси две третини од градовите, рече Филипче, има сериозно намалување на инциденцата, а критични остануваат Куманово, Штип, Прилеп, Битола и Скопје. За денеска најави средба со раководството на Прилеп, но рече дека според оценката на епидемиолозите засега во Прилеп и Битола не се потребни порестриктивни мерки.

На почитување на мерките повика и вицепремиерот за борба со корупцијата Љупчо Николовски откако на средба со инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера бил информиран дека во последните четири дена се доставени 7500  решенија за изолација на лица заразени со вирусот и на лица кои имале контакти со позитивни.

-Тоа драстично зголемување е показател дека влегуваме во можеби најкритичниот период од пандемијата. Факт е дека здравственот систем е оптоварен и затоа повеќе од кога било е важно да ги почитуваме мерките и протоколите, да носиме маска, да одржуваме растојание и да нема групирања. Само така, заеднички, ќе ја надминеме оваа здравствена криза, која притиска и врз економијата, рече Николовски.

Ресорниот министер на прес-конференција соопшти дека анализа на Институтот за јавно здравје покажува дека процентот на позитивни од тестираните се движи меѓу 36 и 41. Највисок односно 41,2 проценти дијагностицирани од тестирани имало на 17 ноември, кога беа регистрирани најголем број нови случаи – 1407, а потоа има постепено и благо опаѓање.