Бомгартнер: Преку Француската агенција за развој ќе го поддржиме проектот за заеднички регионален пазар, во фокусот и зелената економија


– Париз преку Француската агенција за развој (ФРА), ќе го поддржи проектот за формирање заеднички регионален пазар на Запеден Балкан усвоен на Самитот на Берлинскиот процес во Софија, со кој годинава прв пат, заеднички копретседаваа една земја членка на ЕУ и земја кандидат за членство – Бугарија и Северна Македонија, вели францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер за МИА. Приоритетна област, додава ќе биде и борбата против климатските промени, зелената економија и обновливите извори на енергија за кои француските инвеститори почнуваат да се интересираат за можностите да дојдат во земјата.



Амбасадорот Бомгартнер појаснува дека генерално, постои тесна врска помеѓу внатрешните реформи што треба да ги спроведат земјите што се на патот на приближување кон ЕУ и барањата и очекувањата на Унијата во врска со нив, во рамките на процесот за пристапување, надвор од она што се нарекува усвојување на „acquis communautaire“ (правото на ЕУ).

-Во случајот со Западен Балкан, постои и регионална димензија. Тоа се должи на фактот што постои европска перспектива за шесте земји од овој регион, односно, кога ќе дојде време, нивна определба е да станат земји-членки на ЕУ. Ова се однесува на сите нив, дури и ако состојбата со напредокот варира од земја до земја, а Косово се наоѓа во една посебна ситуација, кога сите земји-членки на ЕУ не ја признале неговата независност. Тоа се должи, помеѓу другото, на фактот што не така одамна, некои од овие земји се соочуваа со конфликтни состојби, тоа што кај други се јавуваат проблеми околу границите или пак историски спорови, додека пак регионалната интеграција е релативно слаба, било да се работи за економска размена или на пример, во областа на транспортот. Берлинскиот процес беше воспоставен токму како обид да се најде решение за таа состојба, вели францускиот амбасадор кој го познава регионот имајќи предвид дека беше заменик амбасадор во Француската амбасада во Софија (2006-2010).