Аргументи за самостојноста на македонскиот јазик


Претендирањето дека апсолутната вистина во јазичниот спор е на бугарска страна е опасна теза и не води кон позитивно решение на тој спор. Само со еден космополитски светоглед, базиран на примената на европски аксиоми, стандарди и искуства, може да се постигне научно верифицирано и праведно решение



Фокус – Скопје

9 декември 2020

Споровите и суштествените разлики меѓу бугарските и македонските национални идеи, кои добиваат своја дефинитивна форма и содржина по создавањето на бугарското кнежевство во 1878 година, се однесуваат на клучни прашања за националната самосвест на бугарскиот и на македонскиот народ, како што се: историски и религиозни традиции, државотворност и национален идентитет, јазик итн.

Јазичниот проблем (проблематизиран од бугарска страна) во меѓусебните односи на двете современи државни творби е очигледно стереотипна метафизичка категорија, во контекст на дијалектичката динамичност на современата европска-историска, социјална, хуманистичка и лингвистичка наука.

Има една стара американска поговорка: „Ако има одреден проблем, мора да има и соодветно решение за него. Доколку премногу долго проблемот не може да се реши, тогаш проблемот вистински и не суштествува“. Споменатата поговорка има апсолутна применливост во псевдо-лингвистичкиот и псевдо-историскиот проблем помеѓу двете суверени држави.

СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА ДОГОВОРОТ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО

Изворот на спорот се трите историски фундаменти на бугарската државничка политика воопшто кон топонимот „Македонија“ и етнонимот „Македонец“, таксативно наброени:

1.Сонот за голема Бугарија од мировната конференција во Сан-Стефано, одржана на 3 март 1878 (во тој мировен протокол кој никогаш не стапил во сила, географскиот простор на Македонија е дел од бугарското кнежевство);

2. Mонархистичките тенденции на бугарските цареви од кобуршката династија за просторна и капитална експанзија;

3. Дејноста на Бугарската егзархиска црква за религиозно влијание и асимилација на населението во  отоманската провинција Македонија (поделена во три санџаци – Скопје, Битола и Солун), во период 1870-1912 година.

Меѓутоа, неговата современа содржина е обликувана веднаш по признавањето на независноста и сувереноста на Р. Македонија од страна на бугарската држава (16 јануари 1992), кога се призна македонската држава, но истовремено не се признава постоење македонска нација и македонски јазик?!