АПИС: Политички мотивирани предложените измени на Законот за игри на среќа пред локалните избори


Асоцијација на приредувачи на игри на среќа – АПИС - МИА

– Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за игри на среќа, кој Министерството за финансии и го предлага на Вадата има за цел затворање на индустријата на игри на среќа, оценуават во соопштение од Асоцијацијата на приредувачи игри на среќа – АПИС Дополнуваат дека измените содржат дискриминаторски, противуставни одредби кои предвидуваат, како што велат, ретроактивно дејство за веќе завршена правно-финансиска работа.


 

Од АПИС информираат дека „ако Владата и Собранието инсистираат по секоја цена да протуркаат вакви измени, ќе треба да преземат одговорност што речиси 10 илјади луѓе ќе останат без своите работни места и тие како асоцијација ќе бидат принудени да ја тужат државата за надомест на штета што ќе предизвика многу сериозни финансиски импликации по буџетот“.

Од Асоцијацијата потенцираат дека предлогот, автомат клубовите да бидат на растојание од 500 метри од основни и средни училишта, за да наводно се заштитат малолетниците, велат оттаму, е само приказна за да се сокријат вистинските намери и мотиви.

– Малолетниците пешачејќи или превезувајќи се до училиштето каде посетуваат настава, повторно ќе мора да поминуваат покрај објектите каде се организираат игри на среќа. Тврдењата дека називите на фирмите и излозите на спортските обложувалници и автомат клубовите ги привлекуваат малолетниците и наводно така преку очите им се создава навика за игри на среќа, се гол популизам кој нема врска со реалноста. Тогаш, по истата логика и со истите аргументи, владата и Собранието треба да ги дистанцираат сите кафулиња, кафеани и тобака за да малолетниците се заштитат од алкохол и цигари. Зошто ваквите измени значат клуч за индустријата игри на среќа? Земајќи ја предвид постоечката урбанизација, одредено дистанцирање од едно училиште, ќе го приближи автомат клубот или обложувалницата до друго училиште. Овој целосно промашен концепт ќе затвори легален економски сектор и ќе предизвикаат отворање на подрумски простории каде ќе се игра на црно, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци, стои во соопштението.

Наведуваат дека се работи за „политички мотивирани законски измени кои намерно се предлагаат пред локалните избори“.

– Црната кампања со која се креира јавна слика дека во автомат клубовите се одвивале нелегални активности, во кои наводно влегуваш здрав, а излегуваш болен од зависност од игри на среќа, е свесно смислена од оние кои сакаат да предизвикаат хаос и да профитираат од нелегални игри на среќа. Тешка манипулација е дека автомат клубовите се ризични по нашата младина. Не постои записник на инспекциските служби каде е евидентирано присуство на малолетник во автомат клубовите кои се во наша надлежност, што е исклучителна потврда дека ние сме врвни професионалци, општествено одговорни компании кои го штитат јавниот интерес 100 отсто и неселективно ги спроведуваме законските норми. Одговорно тврдиме дека постојат повеќе опции заштитата на малолетниците да биде уште повеќе зајакната, а државата да ги остварува и понатаму постоечките буџетски приливи. Само треба да ги консултираат нашите правни експерти, велат од АПИС.