Ангелов: Засега не ни се заканува опасност од големи поплави

angelov
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Засега на државата не и се заканува опасност од големи поплави, порача директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов по денешната координативна средба во ЦУК.

На координативната средба во ЦУК, на која имало претставници на УХМР, Водостопанство, Противпожарната бригада на град Скопје, МВР, Дирекцијата за заштита и спасување, МЗШВ и на МЖСПП, како што кажа, ја разгледале состојбата со водостоите, како и временски прогнози за земјава и заклучиле дека хидролошката состојба во овој момент е стабилна, сите водотеци се стабилни и оти има благо излевање на реката Вардар кај Чегране и Форино, каде постојано има излевање кога има врнежи.


-Состојбата  будно се следи од страна на соодветните институции. Можноста за впивање на водата од наредните дождови веќе е намалена и затоа со зголемено внимание треба да ги следиме состојбите со дождовите, рече Ангелов на денешната прес-конференција.

Нагласи дека УХМР прогнозира дека во следниот период врнежите ќе бидат позастапени во западните делови од земјава, но прогнозата, како што кажа, не може да биде многу прецизна, бидејќи се работи за мала територија. Посочи дека опасност за зголемување на водостоите на реките и езерата е и топењето на снеговите.

-Доколку нивото на Вардар кај Јегуновце дојде до 200 сантиметри ќе упатиме барање до АД ЕСМ да го намалат или стопираат производството на електрична енергија на ХЕЦ Вруток со што ќе се намали или целосно ќе се прекине дотокот на вода во Вардар од хидроцентралата и ќе може делумно да се контролира водостојот на реката, потенцира Ангелов.

Тој прецизира дека од Водостопанство информирале дека се исчистени сите примарни канали и оти можат да ја примат водата која би надошла од врнежите. Исчистени се и сите одводни канали кои служат за исцедување на земјиштето. Во добра кондиција се и секундарните канали. Проблем се терцијалните канали, односно малите канали кои поминуваат пред куќните дворови од кои еден голем дел се запоставени.

-Апелираме до општинските власти да ги исчистат овие канали во согласност со нивните можности, а граѓаните да не фрлаат отпадоци во нив, рече Ангелов и ја повика локалната власт да биде внимателна со канализациите и одводни канали во урбаните средини. Ги повика и граѓаните да бидат претпазливи.

Прашан каква е состојбата со опожарениот мост на Вардар во Скопје, рече дека во наредните денови Градот Скопје ќе излезе со точна информација какви се штетите и на кој начин мостот ќе биде саниран.

-Во секој случај апелирам до граѓаните да ја почитуваат забраната за движење, бидејќи мостот можеби нема сериозна штета, но постои другата можност која што е најнепосакувана и до која што искрено се надевам дека нема да дојде, рече Ангелов.

Податоците коишто ги добив од Противпожарната бригада на Град Скопје според видот на огнот, додаде, се дека температурата при пожарот била повисока од 1.000 степени Целзиусови.

-Бетонската подлога од долната страна на мостот која што го штити мостот ги губи дел од своите својства над 400 степени Целзиусови, додека металната арматура над 600 степени постои опасност да изгуби дел од своите својства. Поголемата опасност е во тоа што носечките елементи на мостот се на долната страна, оние коишто во суштина го држат целиот мост, а пожарот беше токму под нив, истакна Ангелов.

Стручните лица, како што кажа, ќе излезат со точен податок колкава е штетата по мостот, а врз основа на тоа ќе се одлучи дали  воопшто ќе може да се реновира мостот, односно колку време ќе биде потребно мостот да се стабилизира доколку се утврди дека штетите не се толку големи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK