Анализа на празнини и недостатоци на правната рамка за заштита на животната средина


– Дојде време кога треба да се признае правото на животната средина, не како субјективно право на неживата материја или био опкружувањето – флората и фауната, туку како обврска на човекот да го почитува правото на живот на постојните и на идните генерации, обезбедувајќи услови за одржливост на развојот на идните генерации, порача академик Владо Камбовски, раководител во Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ – МАНУ, на промоцијата на „Анализата на празнини и недостатоци – предизвици и можности за институционалната и правната рамка на животна средина“ изработена од Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).



Тој посочи дека е неопходно иницирање на еден голем пресврт во целокупните и филозофски концепти на одржливиот економски развој наспроти консумеризмот, корпоративиизмот и неолиберализмот, што треба да етаблира некои, како што рече, вистински хумани дејности во планирањето на економскиот развој во кој ќе треба да ги помири интересите за забрзан економски развој и профит со интересите за зачувување на здрава животна средина.

Камбовски нагласи дека Анализата  на ЦПИА условно ја покажува нормативната поставеност на еколошката правда во државава. Иницијативата за нејзина изработка, додаде тој, е покрената од движењето Платформа за еколошка правда, која, како што рече, треба да стане еден од значајните сегменти на движењето за етаблирање на нов концепт на еколошка правда.

– Се работи за движење кое треба да влијае врз промената на свеста за односот кон природата и животното опкружување на човекот, да иницира длабоки реформи на политичкиот, правниот и економскиот систем и да придонесе за подигнување на квалитетот на човечкиот живот. Правото на живот и одржливиот општествен развој треба да биде хуман и треба да обезбеди смарт економија, владеење на правото, почитување на човековото право на здрава животна средина во интерес за похармоничен однос помеѓу човекот и експлоатацијата на животната средина, изјави академик Камбовски.

Низ конкретни согледби за тоа каде сме и што правиме, посочи тој, треба да се приземји ваквата општа експликација, за остварување на правото на здрава животна средина ако уставно признато право на поединецот.

– Платформата треба да ги обедини различните структури во еден мултидисциплинарен пристап – наука, струка, јавно мислење и свест, државни институции, регулатива, примена на законите на едно место заради критички согледби за одговор на прашањата каде сме и како понатаму, рече Камбовски.

Како пример тој ги посочи последните случувања во Охрид и другите загрозени подрачја каде, како што потенцира, има еклатантни примери на девастација на животната средина.

– Повеќе од неизбежна е констатацијата дека нам ни се потребни и оваа платформа и сите други активности кои треба да ги развиваме за да го подготвиме општеството, јавната свест, науката, ориентацијата на државните институции кон оваа сфера за позитивен однос и за навремена подготовка  за тоа што не очекува. Досега животната средина беше споменувана како еден попатен проблем и како прашање на можност или неможност на државата да интервенира таму каде што треба да интервенира, а сега треба да се внесе како предмет во образованието, рече академик Камбовски.

Тој нагласи дека се неизбежни и законски измени во тоа поле, додавајќи дека законите во земјава и не се така лоши, но треба да се провери дали законите од областа на заштита на животната средина кореспондираат со другите закони како што се за градење и урбанистичко планирање и да се координираат.

– Нам главен проблем со законите ни е нивната примена и слабите и неповрзани институции, корумпирани и институции без интегритет и континуиран мониторинг на примената на законите. Затоа е очигледно дека ќе мора да се направат длабоки резови  и институциите да почнат да ги применуваат законите онака како што треба и едно подолгорочно планирање на развојот, унапредувањето и заштитата на животната средина кое мора да стане составна компонента на развојните програми дали краткорочни или среднорочни, нагласи академик Камбовски.

Никола Јовановски, програмски менаџер ЦПИА рече дека денеска ја промовираат анализата на празнини и недостатоци во делот на законската и институционалната рамка во областа на заштита на животна средина и додаде дека е прва ваква анализа направена во државата заедно со МЖСПП, МАНУ, Државниот инспекторат за животна средина и голем број на експерти.

– Оваа анализа треба да ни ги каже пречките што се на патот од законски пропишаните норми до нивното остварување во реалноста. Анализирани се голем број на документи и голем број на документи што се потребни за функционирање на институциите се веќе изготвени и усогласени со делот на европското законодавство. Но, се уште постои дел на законски и подзаконски акти кои треба да бидат донесени. Анализата се осврнува и на буџетирањето, односно колкав буџет е на располагање на Министерството во последните четири години, што се случува кога ќе се направи ребалансот и колку од ресурсите се користат во делот на плати, а колку за остварување на политиките за животна средина, рече Јовановски и додаде дека истото се однесува и на делот на буџетот за Инспекторатот за животна средина.

Иако Инспекторатот има мал број на ресурси на располагање, потенцира тој, во голем дел добро ја врши работата иако е потребна подобра координација на локално и национално ниво.

– Кај МЖСПП недостасува кадар со соодветно искуство во оваа област, а координацијата помеѓу телата кои работат во Министерството со другите експертски институции мора да бидат на повисоко ниво за да помогнеме во делот на креирањето на политиките и да изнајдеме решенија кои во иднина можат да помогнат за подобрување на состојбата во животната средина која ќе биде приоритет во годините што претстојат и во отворањето на поглавјата со ЕУ, рече Јовановски.

Во анализата се опфатени пет области – животна средина,природа,води, Законот за заштита и справување со отпад и амбиенталниот воздух.

– Во сите области имаме заклучоци кои се повторуваат – немање на доволно ресурси и буџет, недоволен број законски акти. Се поставува и прашањето дали предвидените санкции се доволно високи и дали можат на некој начин да ја поправат штетата која е направена. Дилема е дали е доволна само парична казна или е потребна и забрана за работа во некој определен период. Буџетот на државата во последните години е висок, но со ребалансите во голем дел можеби една третина се намалува во делот на животната средина, истакна Јовановски.

Експертскиот тим на ЦПИА во изминатиот период ја подготви Анализата на празнини и недостатоци – предизвици и можности за институционалната и правната рамка на животната средина. Главна цел на анализата е мапирање на законските и институционалните предизвици во законодавството за животна средина, со што ќе се овозможи длабинска процена на перформансите во заштита на животната средина.

– Наодите на анализата ќе ги постават основите за креирање превентивни активности на полицијата и државните институции во земјата, судството и јавните обвинители кон воспоставување на модел за ефективна еколошка правда. Овој систематски пристап ќе обезбеди целосна проценка  и на нивото на усогласеност на националните закони со правото на ЕУ, велат од ЦПИА.