Алпинистички техники се користат за висински работи како бојадисување фабрички оџаци


– Надир Мурсели од Тетово е еден од малиот број луѓе во државата кои благодарение на своето алпинистичко искуство можат да ја изведуваат таканаречената „висинска работа“ како што се бојадисување фабрички оџаци високи по стотици метри, разни видови работа поврзани со одржување, градежни зафати или поправки на згради, мостови, брани, облакодери, ветерници, силоси, односно секаде каде е тешко достапно да се работи поради височината.


 

Надир има 44 години, а со планирење и алпинизам почнува да се занимава уште во средношколските денови. Специјалност во алпинизмот му е искачување на мразови. Највисоко стигнал на Хималаите на Ајланд Пик на 6200 метри надморска височина, како и МекКинли и Аконкагва.

Како и во алпинизмот така и во оваа работа, успехот според животното мото на Надир е кога жив и здрав, алпинистот ќе се врати дома. Затоа тој ги потенцира неколку најважни поенти при извршување на ваква работа како што се придржување до протоколите за безбедност,  високата персонална концентрација и соодветна опрема.

-Алпинистичката техника која ја познаваме е таа која ни помага и ни овозможува да се доближиме и да ја вршиме таа одредена дејност на високо место или објект. Скоро сите што работат се алпинисти. Опремата малку се разликува од таа што се користи за качување на карпи, но суштината е иста. Важна е опремата за заштита почнувајќи од најосновите работи специјален шлем со визир, јаже, појас, објаснува Надир.

Потребно е големо значење да се даде на безбедноста, односно минимализирање на опасносите при извршување  ваква работа.

-Безбедосната е важна затоа што само еднаш може да се падне или само еднаш може да те удри нешто. Се што не е врзано на висина, се паѓа. Ако оставиш на балкон или покрив било каков предмет ако не е врзан со време паѓа, а не па луѓето. Ако човек не е врзан, ниту кацига има, безбедноста е нула, а ризикот е максимален. Пад и од 2,5 метри може да биде фатален. Дали се плашиш од висина, најчесто не прашуваат. Секако дека постои доза на страв.  Но одговорот е дека јас се обезбедувам со опрема и така верувам дека ќе успеам. Секако и со моето познавање се минимизира опасноста и стравот, па тоа е разлика меѓу мене и некои што веруваат дека лесно може да се изведе оваа работа, вели 44-годишниот тетовец.

Покрај личната одговорноста кон опремата Надир ја потецира и потребата да се биде внимателен кога дува ветер или пак има појава на грмотевици. Тогаш работата се прекинува веднаш.

-Треба да се биде физички и психички подготвен, да се биде разумен кога и како да се работи. Освен познавање на техниките за искачување и одржување на безбедноста треба да се знаат и одредени „занаетски вештини“, да знаеш да сечеш со моторна пила, да заваруваш, да бушиш,  да користиш алат и слично. Познавање  на техника, физика, уметност, па дури и на креативност би рекол затоа што е потребно некогаш да се адаптираш на тоа што е на самото место, рече Надир.

Највисок објект на кој што работел се оџаците на РЕК Битола.

-Оџаците на РЕК Битола се на 250 метри и требаше да се бојадисаат. Сега на самиот оџак има скали, ама да се искачат тие 250 метри во височина потребни се околу 30-40 минути.  Важен е тука и транспортот на материјалите за работа, железа, бои и слично. Се работи од горе надолу.Тоа трае со денови. Тие се фарбаат со црвена и бела боја за да бидат видливи за хеликоптери. И светилките кои се користат навечер се менуваат, раскажува соговорникот.

Тој има неверојатно искуство од Швајцарија каде порано живеел од аспект на почитување на правилата.

-Две години во Швајцарија работев за фирма која работи на кастрење на дрвјата. Но таму ми овозможуваа само да бидам помошник и да помагам околу безбедноста, опремата и материјалите. Дрвјата и гранките можеа да ги сечат само луѓе со соодветно образование нешто како шумарски факултет. Затоа што ако не ја познаваш таа област, шумарството, не смееш да му пристапиш на дрвото. Такво нешто немав, но бидејќи имав познавање на техниките и искуство во оваа висинска работа ме зедоа само како помошник, но не ми беше дозволено да сечам дрвја, раскажува Надир за тамошното искуство, додавајќи дека во Швајцарија огромно значење се придава и се постапува соодветно кон безбедноста во оваа работа.

Разни доживувања и случки има низ цела државата, а имал и пример кога не бил повикан за работа тука такви биле околностите па познавајќи ја техниката се нашол на помош.

-Во зградата каде живеам сум се спуштал користејќи ги алпинистичките техники од балкон во балкон за да влезам во стан и да отворам заклучена врата поради оставени клучеви во внатрешноста. Во манастирот Пречиста Богородица во Кичевско кога еднаш бев се скина јажето од ѕвоното. На домарот му беше страв да се искачи, па јас се понудив и успеав да се качам на камбанаријата за да го преврзам јажето за да може да се користи ѕвоното, раскажува Надир.

Тетовскиот планинари вели дека „висинската работа“ и алпинизмост се надополнуваат.

-Двете области бараат постојано да се биде во контакт со опремата, да се вежба, да се биде ангажиран, подготвен и флексибилен да одговориш на предизвиците. Важно е обновување на оваа опрема за што постојат соодветни правила, истакнува планинарот.

Инаку во алпинизмот Надир се има искачувано речиси сите локалитети низ Македонија како Солунска Глава, Матка, Остра Карпа, Демир Капија и други. Низ балканските земји на Метеора во Грција, Маљовица и Враца во Бугарија, Пакленица во Хрватска, како и во Црна Гора, Босна и Херцеговина.  Во европските држави одел на Јулиските Алпи, Доломити и Европските Алпи

Александар Самарџиев