Република Македонија е несомнено земја лидер во регионот по однос на безбедносната соработка и кредибилен партнер во рамките на Интерпол, земја на која секогаш може да се потпрете во борбата против сузбивање на криминалот и безбедносните предизвици кои претстојат, рече денеска претседателот на Интерпол, Ахмед Насер Ал-Раиси на средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери.
Ал-Раиси ја истакна и можноста во наредниот период, во регионот или во државава, да се основа регионално биро на Интерпол кое уште повеќе би ја зајакнало комуникацијата и соработката меѓу земјите од регионот во рамките на оваа организација.
Џафери во оваа прилика ја поздрави Европската регионална конференција на Интерпол што се одржува во Охрид, потенцирајќи дека како држава ни претставува особено задоволство што овој настан се одржува кај нас токму на 30- годишнината од зачленувањето на Република Македонија во оваа најголема меѓународна организација за криминалистичка полиција.
Џафери подвлече дека земјава како членка на НАТО ги применува сите безбедносни стандарди и во таа насока активно учествува и во заедничките активности со Интерпол при што дава сериозен придонес во глобалната безбедност, како на регионот така и пошироко. Тој ја истакна улогата на Собранието во однос на легислативната рамка околу обезбедување на непречено функционирање на нашите безбедносни институции. Спикерот ја нагласи и улогата на демократската контрола на парламентот врз безбедносните служби, како и реформите што ги направивме во овие области. Фафери го искажа и ставот на нашата земја во однос на војната во Украина, наведувајќи дека ја осудуваме агресијата од страна на Русија и даваме свој максимален придонес како кредибилен партнер на НАТО во однос на секоја помош и поддршка што е потребна.
Двајцата соговорници ја истакнаа важноста од натамошна успешна соработка за ефективни резултати во сферата на безбедноста.
Претседателот на Интерпол се заблагодари на средбата со претседателот Џафери, на топлиот прием во нашата земја и одлично организираната конференција на Интерпол. При тоа, изрази голема благодарност и почит до МВР, како и до полициските сили на Република Македонија за целиот нивен ангажман околу настанот. Нагласи дека присуството на претседателот Џафери на конференцијата во Охрид за него претставува поддршка од Собранието за полицијата.