Активистички говори, млади бендови и креативни работилници на „Енгејџ“

mkc
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Младинскиот културен центар (МКЦ) денеска ќе започне дванаесеттото издание на настанот за социјален активизам „Енгејџ“ (ENGAGE). Организатори се Младински образовен форум и Радио МОФ.

– Присутните ќе можат да слушнат инспиративни говори од домашни и странски активисти за друштвените мрежи како средство за промени, поезијата како отпор против патријархалните норми, за тоа како младите уметници се борат против скептицизмот, но и за правата на текстилните работнички. Исто така, дел од говорниците ќе се осврнат и на „Мое здравје“ – гласот на лицата со оштетен слух, други ќе зборуваат за генерацијата Зет и нивната моќ да го трансформираат активизмот и прават поинклузивен свет, а ќе бидат отворени прашања и за родовата еднаквост во 21. век, соопштија организаторите.


Како што е најавено, учесници ќе бидат активистката Kристина Ампева од „Гласен текстилец“, Нина Павичевиќ од Црна Гора, комуниколог и креатор на @kriticki, Леон Шумански од „Гола планина колектив“, потоа Викторија Хамет од САД, од организацијата „Gen-Z for Change“, Гералдина Гуера Гарсес од Еквадор, од фондацијата АЛДЕА, исто така Христина Божиновска Ѓикова од здружението „Млад знак“, но и активистката Аделина Тершани од Косово, која ќе има и своја изведба на слем поезија.

Овогодинешниот настан ќе биде поделен во три дела.

– „Енгејџ д стејџ“ (Engage the stage) – каде ќе се има можност да се слушнат домашни и меѓународни говорници кои ќе го пренесат нивното искуство на темите родова еднаквост, животна средина, човекови права, граѓански иницијативи и музика. „Енгејџ д вркшопс“ (Engage the workshops) – лица ќе може да се вклучат во една од креативните работилници за реупотреба на стара облека со техника на сито принт, техники за справување со стрес и дишење и како да се преживее на планина. „Енгејџ д најт“ – ќе може да се слушнат бендови од младата генерација дел од „Гола планина колективот“ до полноќ, се наведува во соопштението.

Преку „Енгејџ“, како што се додава во соопштението, МОФ и Радио МОФ се стремат да го подигнат нивото на информираност на граѓаните, нивната присутност и активно делување, како онлајн, така и во физичкиот простор.

– Со програмата, „Енгејџ“ обезбедува едукација, интеракција и инспирација за индивидуи, групи и организации чија цел е да го подобрат општеството во кое живееме, се истакнува во соопштението.

Повеќе информации за настанот може да се видат на engage.mk.

Настанот е поддржан од National Endowment for Democracy.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK