Акцискиот план во фокусот на разговорите со Софија, ќе се споделат информации и со пратениците


– Во следниот период акцентот во разговорите меѓу Скопје и Софија ќе биде ставен на Акцискиот план, кој македонските претставници го гледаат како еден вид платоформа со која ќе се „олабави“ атмосферата на релација Бугарија-Северна Македонија. Во меѓувреме, Владата најави дека е подготвена пред пратениците да презентира информации поврзани со преговорите со Бугарија.



Претседателот Стево Пендаровски во интервју за МИА рече дека Акцискиот план, што ние и го понудивме на Бугарија и на кој тие сега одговараат, нема апсолутно никаков момент од идентитетски белези – јазикот и нација, туку само предлагаме сет мерки што би требало да ја „олабават“ атмосферата во наредниве месеци.

– Бугарија има предвремени парламентарни избори, веројатно март или април. И во тој предизборен период е многу тешко вие со „ладна“ глава, зборувам пред сè за колегите од Софија, да влезете во расправа за прашања за кои претходно и во период во кој немавме избори пред нас не можевме да се договориме од познати причини. Во овој момент ние разговараме за, да ги наречам, не неважни, меѓутоа странични прашања на главниот проблем. Значи, зборуваме за инфраструктура, за образование, за медиуми, за подобро поврзување во различни области, во енергетиката, кои се врзани со главниот проблем, вели Пендаровски.

Според него, главниот проблем е инсистирањето на Бугарија дека во идентитетските маркери на македонската нација треба пред 1944 година да се потпише дека биле бугарски, односно дека корените биле бугарски, на што никогаш не сме се согласиле ниту ќе се согласиме во иднина.

– Меѓутоа ако не успеавме да постигнеме согласност од двете страни, особено од софиска да нè пропуштат, да ни дозволат да почнеме со првото ниво во декември, од тие причини со користење на познатиот нивни вокабулар не верувам дека сега можеме тоа да го направиме во јануари, февруари, март. Значи, станува збор за еден пристап инициран од наша страна, за кој се надевам дека бугарската страна ќе се согласи, кој треба да ја изгради повторно атмосферата на доверба, за да можеме да разговараме за сите прашања. Повторувам, не станува збор за никаков нов договор, додаток на договор, протокол, анекс итн., потенцира претседателот на Републиката.

Шефот на државата сепак се сомнева дека во следните три месеци, додека не завршат изборите во Бугарија можеме да се решат спорните прашања, но оти сепак не треба сосема да бидат прекинати контактите.

– Ние ќе мораме повторно да ја воспоставуваме довербата меѓу двете страни, за да можеме да дојдеме во атмосфера во која ќе ги отвориме сите прашања, без предрасуди и ќе кажеме кој што мисли и кој од што не може да отстапи. Сега, во изминатиот период гледате до декември беше практично еднонасочен диктат од бугарска страна – вели или ова и ова ќе го потпишете или нема да имате преговори. И на крај навистина тоа се случи, истакна Пендаровски.

Според него, одговорот на Софија на нашиот предлог Акциски план не излегува надвор од параметрите на старите бугарски одговори. – Не можам да видам нешто суштински различно во нивните позиции… Меѓутоа, одговорот што го видов од бугарска страна на нашиот Акциски план практично не одговара на еден дел од нашите барања. Има и за тоа, меѓутоа, повторно во тоа вметнувате што вие мислите за идентитетските белези на македонската нација. Ние тоа не го бараме. Не го спомнуваме во Акцискиот план, бидејќи тоа е надвор од какви било преговори. Ви реков, можеме секоја друга област да ја зборуваме, не смееме и нема да зборуваме сигурно за тоа кои сме, што сме, додава шефот на државата.

Тој смета дека ставовите на Софија не би можеле да се сметаат само како предизборен вокабулар, имајќи предвид дека Декларацијата во бугарскиот Парламент беше усвоена со апсолутно мнозинство, што практично значи дека немаше ниту една пратеничка група и во опозицијата што не ја поддржа. Оттаму, според него, дури и при евентуална смена на власта во Софија, не би можеле да очекуваме промена во бугарските ставови, бидејќи тие се апсолутно потврдени и поддржани од сите релевантни политички сили како бугарска црвена линија.

Тој сепак очекува поактивна улога од Брисел, бидејќи како што вели прашањето за интеграција на Западниот Балкан е стратегиско прашање за ЕУ, а не е само прашање на луѓето што живеат во државите од регионот. Очекува и посилен ангажман на новата американска администрација на Западниот Балкан, каде, вели, се уште има нерешени прашања.

Оттаму, според него, ако дозволиме сегашната состојба меѓу Софија и Скопје да остане статус кво, прашањето на Северна Македонија и нејзината интеграција во ЕУ може, исто така, да стана едно прашање отворено, кое влегува во поширокиот геополитички контекст на Западниот Балкан.

Кога станува збор за заедничката македонско-бугарска Комисија за историски прашања претсдателот Пендаровски смета дека таа излегла надвор од својот мандат во обидите, иницирани од другата страна, да се одредува етничка припадност на луѓе што починале пред 150 години.

– Не е тоа задача на Комисијата, ниту била, ниту ќе биде, ниту според духот и словото на Договорот. Комисијата треба да утврди кои јунаци и кои историски епохи или историски настани се битни и за вас и за нас за заеднички да ги чествуваме. Се разбира, не секои. Ако е битно за тебе, ако е битно за мене, можеме заеднички да положиме венец на споменикот на тој човек, не да одредуваме етничка припадност нечија – моја, ваша. Тоа исклучиво било и денеска и ќе остане основно човеково право. Се идентификуваш како Македонец, тоа е како денеска, така и пред сто и кусур години. Значи, не можете вие наново да ја напишете историјата. Тоа е проблемот во кој западна Комисијата, практично дојде до стопирање на нејзината работа, бидејќи бугарските историчари инсистираа дека ние мора да кажеме, замислете на пример, дека цар Самуил дали бил етнички Бугарин во време кое е барем едно седум века минимум пред воопшто да се формираат модерните нации, додава Пендаровски.

Во меѓувреме од владиниот кабинет потврдија дека претставници на Владата се подготвени пред пратениците да презентираат информации поврзани со преговорите со Република Бугарија.

-Во комуникација потврдено е дека постои интерес за одржување на сесијата во Собранието, периодов ќе следи усогласување на термините согласно агендите, по што јавноста ќе биде информирана, рекоа од Владата за МИА, откако претходно Пендаровски рече дека според негови сознанија најверојатно следната недела Акцискиот план со Бугарија ќе се најде пред собраниската Комисија за европски прашања или за надворешна политика.

-Она што го знам како последна информација е дека најверојатно следната недела на собраниската Комисија за европски прашања или за надворешна политика двајцата во оваа смисла надлежни министри, значи Димитров за евроинтеграции и Османи…, рече Пендаровски, додавајќи дека дали седницата ќе биде отворена или затворена за јавност треба да биде одлука на членовите на Комисијата.

Претседателот не гледа причина зошто да нема седница на која ќе се информира за тековните активности со Бугарија. -Мислам дека е донесена одлука во Владата тоа да се случи. Нема причина зошто да не се случи. Тоа е нивна практично и тековна обврска одвреме-навреме да ги информираат законодавниот дом и пратениците. Значи, ќе има таква сесија, на која сигурно ќе се разговара и за најновиот развој на настаните во таа смисла, во смисла на документи…, рече Пендаровски.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи во интервју за МИА за време на неговата посета на Атина во четвртокот, рече дека во овој период акцент во разговорите со Бугарија ќе се стави на Акцискиот план, на соработката помеѓу секторите и помеѓу линиските министерства, со цел да се создаде амбиент кој во овој период делумно е нарушен.

– Ако ставиме фокус на тој Акциски план ќе создадеме предуслови за решавање на разликите што постојат во однос на преговарачката рамка, вели Османи.

Тој  нагласи дека за усогласување на преговарачката рамка за членство во Унијата потребен е консензус на сите земји членки на ЕУ и оттука многу се важни комуникацијата и разговорите со нив за да им се објасни нашата позиција.

Прашан дали Грција понудила конкретна иницијатива или помош за отстранување на бугарската блокада, шефот на дипломатијата нагласи дека Атина се гледа како олеснувач на европската перспектива на Западниот Балкан и многу е важно заради нејзиното влијание да ја има таа улога на олеснувач за влез на регионот во Европската Унија, па и во тој контекст да се олесни и патот на земјава. – Така што очекувам е да имаме поддршка од Атина на тој пат, истакна Османи.

Апел до ЕУ да се вклучи во решавање на македонско-бугарскиот спор вечра упати и поранешниот амбасадор на Европската унија во нашата земја, Ерван Фуере, оценувајќи дека во спротивно може да се заглавиме во оваа ситуација извесно време.

– Мислам дека изборите во Бугарија, за жал, нема да донесат ништо ново, па нема поента ЕУ да чека за да дејствува. Европските институции треба да бидат поинвентивни во пристапот. Имаат инструменти кои треба да ги користат, како медијација, со поголем фокус на изучување на историјата. Многу, многу инструменти кои можат да се искористат, а да не се блокира почетокот на преговорите, рече Фуере во телевизиско интервју.

Тој порача дека Владата треба да продолжи со неопходните реформи кои се бараат, особено во делот на правосудството и борбата против корупцијата, бидејќи, потенцираше, тоа е најдобриот аргумент за да покаже дека е подготвена за обврските од членството во ЕУ.

– Грижата е ако ЕУ не се вклучи, и ако притисокот од Бугарија е толку силен што Владата во Северна Македонија може да се чувствува обврзана да ги прифати позициите кои би можеле да бидат контрапродуктивни на долг рок, кои може да го свртат јавното мислење против неа. Ова ќе биде голема грешка за стабилноста на Западен Балкан бидејќи ќе воспостави многу опасен преседан за во иднина, изјави Фуере.