Адеми: Можеби ќе се соочиме со исти мерки ако имаме ваква ситуација и во септември


Адеми: Можеби ќе се соочиме со исти мерки ако имаме ваква ситуација и во септември - МИА

Скопје, 29 мај 2020 () – Учебната 2019/2020 година ќе заврши со онлајн-настава согласно со одлуката на Владата учениците да не се враќаат во клупите до 10 јуни. Од затворањето на училиштата и факултетите на 11 март, предизвикот беше како да продолжи наставата од далечина и да ја замени формалната и во овие речиси три месеци учениците и наставниците се приспособуваа за е-учење. За образованието јуни е месец на испити и уписи. Државна матура за оваа генерација ќе нема, но претстои јунската испитна сесија за студентите и уписи за идните средношколци за кои роковите нема да се менуваат.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми е задоволен од преземените мерки со кои се овозможи непрекината настава во услови на пандемија, кои беа и правно регулирани со донесените уредби со законска сила. Во интервју за Адеми вели дека се максимално посветени и се разговара за прашања како би постапиле ако се соочиме со исти или полоши околности од септември, на почетокот на наредната учебна година.

-Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи, рече Адеми.

За претстојните испити во јунската сесија вели дека ги оставаат универзитетите сами да оценат и изберат дали на нивните факултети има услови за организирање испити со физичко присуство на студентите, притоа доследно да ги почитуваат препораките за заштита на јавното здравје.

– Намерно им оставивме флексибилност на универзитетите, базирајќи се и на нивната автономија. Силно веруваме дека секој универзитет, секоја единица, академската заедница, ќе пристапи одговорно кон ова прашање, додава Адеми.

Во интервјуто за министерот соопшти дека деновиве на владините седници ќе се разгледува Предлог-одлуката за уписите за високо образование, треба да се прецизира уредбата за доделување ваучери за ученици и студенти од третиот пакет мерки од КОВИД-програмата на Владата (Уредбата за платежната картичка беше усвоена завчера), а за претстојните уписи во средните училишта рече дека ќе нема одложување на роковите утврдени во Конкурсот, но дека за спроведувањето на уписите се подготвени протоколи со мерки за заштита, исто како и протоколи за испитите што ќе се организираат на високообразовните установи.

– Протоколите се веќе разгледани и усвоени од Комисијата за заразни болести и се проследени до Владата. Очекувам на првата седница што ќе ја имаме, тие да се усвојат, додава Адеми.

Пред неколку дена беше усвоена Уредба со која студиските програми и испитите може да се реализираат и со физичко присуство на студентите. Дали тоа ќе биде избор на самите факултети?

– Кога донесовме одлука за прекин на образовниот процес во основните и средните училишта, но и на високообразовните установи, донесовме и уредби со законска сила за онлајн-наставата преку средствата за електронска комуникација. Во Уредбата за примена на Законот за високото образование јасно и прецизно истакнавме и испитите, и колоквиумите, и одбраната на додипломски, магистерски и докторски трудови да се реализираат електронски. Но, исто така, рековме дека испитите и колоквиумите ќе се организираат преку средствата за електронска комуникација доколку високообразовната установа и единиците во нејзини рамки обезбедат технички услови за обезбедување на кредибилитетот на процесот на оценување на студентите.

На мојата лична адреса во меѓувреме имаше барања од студенти, организации на студенти, кои бараа испитите да се организираат и со физичко присуство. Затоа, по консултација со раководствата на високообразовните институции, особено на универзитетите, се одлучивме да им дадеме можност – опција да организираат испити и со физичко присуство.

Им даваме алтернатива. Донесовме изменување и дополнување на Уредбата за високо образование со законска сила, каде што велиме дека и во овој период додека трае вонредната состојба двете опции се на располагање на универзитетите. Тие ќе оценат дали во одредена единица во рамки на универзитетот има услови за организирање испити со физичко присуство, а притоа доследно да се испочитуваат сите препораки на Владата за заштита на јавното здравје и, доколку условите ги има, можат слободно да организираат испити. Особено зборуваме за јунската сесија.

Но дали со таа можност факултетите сами да изберат меѓу онлајн или физичко присуство различно се третираат и студентите за проверка на нивното знаење? Нели треба да постои единствена одлука што ќе важи за сите, притоа предност да има присуството  затоа што имаше реакции, како што рековте и Вие од студентски организации, дека електронското полагање може да доведе до манипулации и да го деградира квалитетот на високото образование?

– Намерно им оставивме флексибилност на универзитетите, базирајќи се и на нивната автономија. Силно веруваме дека секој универзитет, секоја единица, академската заедница, ќе пристапи одговорно кон ова прашање.

И пред да ја донесеме уредбата со која им даваме таква опција, некои од универзитетите веќе го разгледале, па и одлучиле за ова прашање, земајќи ги предвид анкетите што ги направиле со нивните студенти за тоа како тие сакаат да полагаат. Процентот на студенти кои сакале да полагаат со физичко присуство бил голем, тие покажале интерес, и врз основа на нивниот одговор универзитетите доставија барања до нас за да обезбедиме законска основа за да организираат испити и во вонредни околности со физичко присуство, но почитувајќи ги доследно сите препораки на Владата и на здравствените авторитети во однос на заштитата на јавното здравје.

Тоа ќе зависи од универзитет – ако одлучи дека ќе се организира со физичко присуство, тогаш испитите на тој начин ќе се полагаат на сите единици по сите предмети во рамки на тој универзитет. Ако универзитетот им остава опција на своите единици самите да избираат, тогаш ќе имаме шаренило во рамки на еден универзитет.

Одлуката останува на универзитетите затоа што тие самите подобро ја знаат состојбата дали имаат или немаат услови испитите да ги организираат на едниот или на другиот начин. Верувам дека од универзитетите ќе има одговорен пристап. Притоа имајќи го предвид и нивниот досегашен пристап за време на вонредната состојба – интересот за комуникација и тоа што сите нивни барања беа базирани на барањата на студентите.

Учениците ја завршуваат годината со учење и испрашување од далечина. За онлајн-наставата ја промовиравте и националната платформа Eduino.gov.mk, која и без вонредната состојба, МОН во партнерство со УНИЦЕФ  ја имаше планирано за до крајот на годинава. Стигнуваа ли до Вас во изминатите два и пол месеца реакции за нејзината ефикасност. На пример, за средно образование имаше забелешки дека не е покриено со снимени лекции колку што има за основно.

– Навистина сум горд што за краток период реагиравме ефикасно и експедитивно и воспоставивме прва унифицирана национална образовна платформа Eduino.gov.mk каде се прикачуваат и се прикачени голем број лекции од активни наставници во основно и во средно образование, а е проширена и со видеолекции наменети за деца од претшколска возраст.

Почнавме веднаш со основно имајќи предвид дека предизвиците се поголеми во основното образование, како и возраста на учениците кои се помали. За средното образование истото упатство го доставивме до сите наставници и училишта и лекциите се снимаат и прикачуваат. Очекувам дека целиот процес во наредниот процес ќе се заокружи.

Таа платформа ќе ни служи и во редовни околности. Секако, за да имаме поквалитетна национална платформа цело време треба да се  апдејтира согласно со наставните програми, евентуалните промени на наставните програми и содржини.

Дали МОН има сценарио и е подготвено во случај наставата во вонредни услови да треба да продолжи и од септември, на почетокот на новата учебна година?

– Одлуката за децата да не се враќаат во училиште до крајот на учебната година  ја имаат и други земји од регионот. Секој би бил среќен опасноста од КОВИД-19 да исчезне и да се вратиме во училишните клупи.

Секако, ние со Бирото за развој на образованието имаме подготвено скратени наставни програми во форма на упатство до наставниците. Ова не е нешто ново зашто и порано кога имало прекин на наставата, од една или од друга причина, сме имале упатства до наставниците кои теми и содржини би требало да се обработат уште еднаш за учениците да стекнат знаења за нив, без кои не може да има проодност во следна учебна година односно во понатамошно образование.

За ова, би кажал позитивно сценарио, сме подготвени. Ако би почнале со учебната година во училишните клупи, тоа упатство за скратени наставни програми е веќе подготвено. Значи, за теми и содржини што се неопходни за учениците, кои се обработени во периодот на пандемијата преку средствата за електронска комуникација.

Секако, ние сме максимално посветени и разговараме и за прашања како би постапиле ако се соочиме со исти околности. Можеби и полоши. Веќе има препораки од страна на УНИЦЕФ, Светска банка и други партнери за земјите кои сакаат повторно да ги отворат училиштата. Со шефицата на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија сме разговарале на оваа тема и тие се спремни да ни помогнат кои мерки и активности да ги преземеме.

Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи.

Јуни е месец на уписи – претстојат за средно образование. Остануваат ли датумите кои беа наведени во Конкурсот објавен во март, односно ќе ги отворат ли училиштата вратите на првото пријавување закажано за 16 и 17 јуни?

– Остануваме во истите рокови, но дополнително во оваа насока МОН подготви протоколи за упис и во основно и за упис во средно образование, како и протоколи за испитите што ќе се организираат на високообразовните установи, кои мерки треба да се испочитуваат за да се заштити јавното здравје на нашите ученици и студенти.

Протоколите се веќе разгледани и усвоени од Комисијата за заразни болести и се проследени на Владата и очекувам на првата седница што ќе ја имаме можеби денес, да се усвојат, па да се објават во Службен весник и да се известат образовните установи.

Протоколите ќе прецизираат кои активности и кои мерки треба да се испочитуваат од сите засегнати страни во процесот на уписите во основно и во средно – од страна на училиштата, од наставниците, од комисиите за упис, од страна на родителите.

За јуни е најавен и приемниот испит за новата Математичко-информатичка гимназија со две паралелки од 2020/2021. Според повикот, испитите за двата предмета (математика и физика) се закажани за наредната седмица, на 2 и 4 јуни. Ќе се одржат или ќе има одложување?

Нема да се одложуваат, ќе се организираат испитите затоа што и бројката не е голема на тие што аплицирале да бидат дел од оваа нова гимназија – математичко-информатичка, која мислам дека ќе биде додадена вредност во националниот образовен систем. На повикот имаше интерес – поголем е за паралелката на македонски јазик отколку за паралелката на албански јазик.

Уписот на првачиња кој беше одложен за еден месец ќе почне в понеделник и ќе трае до крајот на јуни. Има ли некои нови обврски годинава за родителите?

– Не, целата постапка само се пролонгира за еден месец. Според Законот за основно образование, цел мај е за упис на децата во прво одделение. Но поради околностите ние го пролонгиравме од мај во јуни и целиот јуни ќе им биде на располагање на родителите кои треба да ги запишат децата.

Така што, истата постапка е како досега и очекувам дека и тука ќе се почитуваат мерките од Владата и протоколот за упис во прво одделение. До 15 јули треба да се објават резултатите во училиштата, а исто така ќе се извести Државниот просветен инспекторат за децата кои требало да се запишат, а не се запишани.

Со оглед дека оваа учебна година завршува без државна матура, а филтерот за запишување студенти ќе бидат приемните испити на факултетите на уписите во август-септември, договарате ли со универзитетите уписни политики според новите околности – промена на квоти, новини во партиципацијата  итн?

– За уписите на јавните универзитети подготвивме информација и предлог-одлуката ќе се разгледа на првата седница и ќе се усвои. Како и секогаш, водевме сметка за барањата на универзитетите за бројот на запишани студенти  во прва година од следната академска година.

Не на сите факултети односно единици во рамки на еден универзитет треба да се организира приемен испит, туку би требало да се организира квалификациски испит во случаи кога повеќе апликанти имаат ист број на бодови од успехот во средното образование. Тоа ќе биде по примерот на организирање квалификациски испит при упис во средните училишта.

Треба да донесеме одлука каде што се определуваат квотите и максималниот износ на партиципација и во согласност со таа предлог-одлука ќе бидат објавени конкурсите од јавните универзитети.

Сите матуранти ќе имаат диплома за завршено средно образование која ќе има важност на диплома за државна матура, училишна матура или завршен испит. Така што, учениците кои завршиле средно образование во оваа учебна 2019/2020 година нема воопшто да бидат дискриминирани и ќе ги имаат сите права.

Во најновиот пакет мерки од КОВИД-програмата на Владата, 405 милиони денари се наменети за образованието и се предвидени три типа ваучери за поддршка на ученици и студенти. Кои се критериумите за нив и каде и кога ќе може младите да ги добијат?

– Имаме и ваучери, и платежна картичка. На седница на Влада завчера усвоивме Уредба за една од мерките кои се предвидени – за платежната картичка, која е предвидена за ученици од средно образование од 16-годишна возраст, за студенти и за млади до 29 години кои имаат статус на студент. Тоа ќе биде според листи со нивни лични податоци кои за студентите ќе ги подготват универзитетите, а за средношколците листите се подготвени од базата ЕСАРУ (електронски список и дневник во средните училишта). Листите ние ќе ги доставивме до Генералниот секретаријат, кој ќе објави на платформа, притоа почитувајќи ги личните податоци кои нема да се објават. Секој заинтересиран може да провери дали е во листата и ќе биде известен во која банка е неговата платежна картичка. Неа ќе може да ја искористи за домашни производи и услуги.

За ваучерите за плаќање партиципација, за сместување во студентски и ученички домови или во приватни сместувачки капацитети и за ваучерите за кофинансирање за следење курсеви и обуки за ИТ-вештини во наредниот период ќе се прецизира и доуреди со јасна уредба и јавноста благовремено ќе биде известена за постапката.  Сите критериуми ќе бидат вметнати во уредбата со законска сила.

Овие денови се актуелни реакциите на проректорите од Скопскиот универзитет и на Независниот академски синдикат кои го спорат начинот на кој актуелниот ректор на УКИМ почнал постапка за избор на нов ректор. Универзитетот е автономен, но како Вие го коментирате тоа зашто има обвинувања дека се крши Законот за високо образование, а и Антикорупциската комисија побара од Инспекторатот вонреден надзор?

– Да, добив писмо од проректорите, но поради обврски не сум го разгледал предметот и прашањата што ги покренуваат проректорите и синдикатот. Знам дека имало реакции, но Министерството  за образование и наука не е оперативен орган за да постапи.

Сепак, ги следиме случувањата во високообразовните установи и со сите нив и со академската заедница имаме добра комуникација – и при процесот на креирање на политиките, и при нивното спроведување. За волја на вистината, сите се наши партнери, така што во рамки на таа добра, па и одлична комуникација, сите прашања ги разгледуваме и секогаш наоѓаме решенија.

Хатка Смаиловиќ

фото: Ивана Батев

 

 


Партиите не отстапуваат од средби со граѓаните, но ветуваат почитување на мерките - МИА
Вести

Предизборната кампања на средина, се вжештува реториката

– Предизборната кампања за предвремените парламентарни избори на 15 јули е на средина, а партиите ја вжештуваат дебатата за економијата, правната држава и корупцијата. Партиите своите изборни програми и денеска ќе ги претстават на средби […]

Засега нема препорака за затворање на границите со Србија и со Косово - МИА
Вести

Засега нема препорака за затворање на границите со Србија и со Косово

Скопје, 4 јули 2020 () – Засега нема препорака од Комисијата за заразни болести ниту пак одлука за затворање на границите со Србија и со Косово, потврди вчера премиерот Оливер Спасовски и истакна дека во […]

Бројот на заболени од Ковид-19 и натаму висок, повторно се апелира на почитување на мерките за заштита - МИА
Вести

Бројот на заболени од Ковид-19 и натаму висок, повторно се апелира на почитување на мерките за заштита

Скопје, 4 јули 2020 () – Бројот на заразени со коронавирус во државава и натаму е висок. Според вчера објавените податоци, нови 165 случаи со Ковид-19, седум починати и 128 оздравени се регистрирани во државава. […]