Со новиот колекторски систем до почиста вода во скопскиот дел на Вардар



ript>

Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и директорот на ЈП Водовод и Канализација Душко Весковски потпишаа договор за спроведување на ИПА проектот „Подобрување на инфраструктурата за отпадни води во градот Скопје“.


 

– Со овој проект е планирана изградба на главните колектори на десниот и левиот брег на реката Вардар во подрачјето на градот Скопје со што ќе се изврши затворање на неколку испусти на отпадна вода што директно се излеваат во реката Вардар во централното градско подрачје и општина Аеродром. На тој начин ќе се заштитат водите на реката Вардар, а со изградбата  на колекторите се реализираат и главните предуслови за изградба на централна пречистителна станица за градот Скопје, за која Владата се обврза да ја започне најдоцна до 2020 година – изјави министерот Дураки.Според градоначалникот Шилегов, новиот колекторски систем претставува чекор напред во заложбата, водите на реката Вардар да ја добијат природната боја, а степенот на чистота на водата да се подигне на највисоко можно ниво. 

Со потпишувањето на договорот ќе се поделат улогите и одговорностите помеѓу крајните корисници на проектот, односно помеѓу градот Скопје, Јавното претпријатие Водовод и Канализација и Министерството за животна средина и просторно планирање. Истовремено, ќе се воспостави формална договорна основа помеѓу крајните корисници за успешно спроведување на проектот преку давање поддршка на сите активности во нивна надлежност.

Проектот е вреден над 10 милиони евра, а е финансиран од средствата на ЕУ и ко-финансиран од буџетот на Република Македонија.