13 приватни фирми, вработени во дел од нив во соработка со Општина Битола, донираа 67 прочистувачи за воздух за детските градинки во Битола


Здравата и чиста животна средина е главен услов за изградба на здрави поколенија и обезбедување на непречен воспитно – образовен процес во кој младите поколенија ќе можат да ги развиваат своите потенцијали, интелектуално да се надградуваат, но пред се да се воспитуваат. Алармирани од актуелната состојба со загаденоста на воздухот, Општина Битола и приватниот сектор, обезбедија 67 прочистувачи за воздух за сите детски градинки на подрачјето на општината, со што реализирана е иницијативата на родителите, а обезбедени се подобри услови за згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст. На денешната донација во детската градинка „Мајски цвет“, присуствуваше и градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, која јавно им се заблагодари на сите учесници во акцијата која го потврдува големиот резултат на организираното и заедничко делување на јавниот и приватниот сектор.


 

„Денес имаме потврда на уште еден конкретен резултат од конкретна и целно насочена активност. Со денешната донација и обезбедувањето на сите потребни 67 прочистувачи на воздух за сите детски градинки во Општина Битола, се потврдува општествената одговорност кај сите нас. Сакам да им се заблагодарам на сите донатори, кои што несебично се вложија во целата оваа активност. Ова е всушност еден добар пример, колку навистина, сите заедно, општествено можеме да придонесеме, но и показател дека сепак човечноста не е изгубена. Меѓутоа, посебно сакам да нагласам дека овој благороден гест е всушност добра лекција за политичарите да не ги користат општествените проблеми од било каков аспект за лични, всушност политички маркетинзи“, изјави м-р Наташа Петровска, градоначалник на Општина Битола.

Поттикнати од сè побројните апели децата да не бидат изложени на штетните честички од воздухот, барањето за донирање на прочистувачи на воздухот потекна од д-р Петра Поп Ристова, еколог и родител на дете што престојува во една од градинките, а истата започна да се реализира на иницијатива на Битолска млекара, во соработка со компаниите „Кромберг и Шуберт“ и „Синпекс“.

„Ова е втората фаза со која се остварува акцијата да се донираат 67 прочистувачи на возух во сите детски градинки. Многу сакам да се заблагодарам до сите донатори и во првата и во втората фаза. Со тоа сакам да кажам дека Битола како најзагаден град во Македонија, заедно со Тетово и Скопје, успеа во оваа акција и сум многу горда на мојот град. Големо благодарам до сите и да се продолжи така и натаму. Сакам исто така да се заблагодарам и на дечињата кои ни испеаа прекрасна песна апелирајќи дека воздухот е загаден и дека некој нешто треба да преземи, дека свеста треба да се зголеми. Ајде да ги слушнеме, тие најмалите и да направиме, ние возрасните една поубава средина за живеење. Голема благодарност до Вики Налевска од Општина Битола, која беше најважниот човек во оваа организација и многу помогна со иницијатива, ентузијазам и организација на сето ова и на проф д-р Драган Ѓоргев, кој беше вовлечен во самиот зачеток на оваа иницијатива за прочистувачи на воздухот, како и одделот за урбанизам од Општина Битола, изјави Петра Поп Ристова, иницијатор на акцијата.

Општина Битола која ги поддржа и ги координираше активностите донираше 2 прочистувачи, а кон акцијата се приклучија и приватните стопанственици од фирмите: „Interworks“ (15 прочистувачи), Цилиндо Интернационал АпС (1 прочистувач), како и 1 прочистувач од нивните вработени, 20 прочистувачи од „Екотип“, по 1 прочистувач од „Млекара Јуниор“ и „Џили“, а 12 прочистувачи од фирмите: „Стентон“, „КироДандаро“, „СН Брокер“, „СН Финансии“ и „Евротип“.

„Чистата животна средина, а особено чистиот воздух се клучни за правилен раст и развој, како и за нормално функционирање на човечкиот организам. Сите ние во Интерворкс сме свесни за тоа, како и за фактот дека децата поминуваат речиси половина од нивниот ден во училиштата и градинките, па поради тоа одлучивме да се вклучиме во акцијата преку донирање на 15 прочистувачи за воздух. Веруваме дека со оваа акција освен тоа што значително ќе се подобри квалитетот на воздухот во установите во кои се згрижени децата, ќе се подигне и свеста кај секој еден човек за влијанието на загадениот воздух како и за потребата од чиста животна средина. Се надеваме во иднина ќе има повеќе иницијативи за вакви акции, во кои сите би придонеле на некој начин.“, изјавија од „Interworks“ – Битола.

„Со нашето вклучување во оваа акција со донација на 20 апарати, помагаме во обезбедувањето на потребните прочистувачи за воздух за целиот функционален простор на детските градинки во Битола. Истовремено, на овој начин и како луѓе и како компанија ја реализираме нашата општествена одговорност насочена кон грижата за човековото здравје почнувајќи од најмалите, за животната средина, што секако треба да биде обврска и одговорност на секој човек, на секој жител на нашиот град, зошто правилен развој, работа и напредок на секој план, возможен е само во еколошки чиста и здрава животна средина“, велат „Екотип“ – Скопје.

„Донирањето во установи од ваков тип, претставува бенефит за персоналот и децата, но истовремено и за сите нас, зашто престојот на децата во здрава и чиста средина, овозможува нивниот интелектуален, емоционален, физички, ментален и социјален развој да се одвива непречено, тие да се развиваат во здрави личности, а со тоа и сите ние како родители или роднини на тие деца непречено да можеме да се посветиме на обврските во текот на работниот ден. Од друга страна, спротивставувајќи се на проблемот со загадувањето во вакви установи, веруваме дека ќе бидеме поттик и за многу други фирми да донираат и во други институции кои што работат, пред се со деца од различни возрасти, но исто така ќе бидеме и мотиватор за секој поединец да даде свој придонес во борбата против аерозагадувањето, кое претставува проблем за сите нас“, велат од „Евротип“ – Битола.

Со новата донација, обезбедени се сите потребни прочистувачи за 16 објекти на детските градинки во состав на двете општински установи „Естреја Овадија Мара“ и „Мајски цвет“.