Војвотката од Сасекс синоќа се појави на „Си-ен-ен“



Меган Маркл, војвотката од Сасекс, непланирано се појави на годишната специјална емисија „Херои на Си-Ен-Ен“, во чест на најинспиративните моменти на годината и луѓето што ги остварија таквите моменти.


 

Во видео клип снимен за Си-ен-ен, војвотката од Сасекс им оддаде почит на тивките херои – заедници и индивидуалци – кои ги поддржуваа ранливите категории на луѓе среде пандемија на Ковид-19.

Војвотката од Сасекс видеото го снимила додека седи на клупа во куќата што ја купија на почетокот на оваа година со својот сопруг, принцот Хари. Во позадината се гледаат виолетови цвеќиња. Таа носи блуза во слична боја како и цвеќињата, со убави детали на вратот и комплементарни тонови на шминка. Изгледот го дополни со обетки од брендот Кетрин Зораида и нараквица Картие.

Ова претходно ненајавено ТВ-појавување на Меган беше за време на годишната специјална ТВ-емисија на „Си-ен-ен“, насловена Heroes: An All-Star Tribute, за да им се заблагодари на тивките херои или оние кои помогнаа повеќето луѓе да добијат храна среде пандемија.

Војвотката од Сасекс (39) во двоминутниот клип изјави: „Видовме заедници исправени пред предизвикот како преземаат акција. Кога запреа програмите за ручек за деца, видовме дека нашите соседи вложуваа големи напори за тие деца да ја имаат потребната храна. И ние како заедница се појавивме за да доставиме храна што им е потребна на ранливите луѓе.“