Меѓународниот филмски фестивал во Кан почнува денеска, со црвен тепих на којшто ќе зачекорат бројни ѕвезди, меѓу кои Харисон Форд, Џони Деп и Натали Портман. Во трката за „Златна палма“ се натпреваруваат 21 филм.
Швеѓанецот Рубен Остлунд, минатогодишен добитник на главната награда за филмот „Без филтер“, годинава е претседател на жирито. Заштитно лице на годинашното, 76. издание на Фестивалот е француската глумица Катрин Денев со огромниот портрет од неа на влезот од палатата.
Фестивалот ја избра ќерката на Катрин Денев и италијанскиот актер Марчело Мастројани, Кјара Мастројани, исто така глумица, за официјално да го отвори и затвори настанот на 27 мај.
Меѓу ѕвездите кои се натпреваруваат за „Златната палма“, има и веќе наградувани личности како Британецот Кен Лоуч (86), двократен добитник (2006 и 2016), Германецот Вим Вендерс, кој ја доби наградата во 1984 година за филмот „Париз – Тексас“, и Италијанецот Нани Морети. Во Кан се враќа и финскиот режисер Аки Каурисмаки со „Исушено лисје“, како и Италијанецот Марко Белокио (83) со „Киднапирање“. Јапонскиот режисер Хироказу Коре-еда, доботник на „Златната палма“ во 2018 година за филмот „Семејна афера“, овојпат ќе го претстави филмот „Чудовиште“. си/