Лиценца за родители – Совети за родителство од мајка, поранешна шпионка на ЦИА


Не може со сигурност да се тврди дека следните совети од скандинавските мајки или пак советите на мајките од ЦИА, ќе наидат на одобрување во Македонија, но сигурно ќе укажат дека нешто треба да се промени во воспитувањето на генерациите полни со принцови и принцези.


 

Многумина веруваат дека светот станува сè посурово место за живеење и во такви околности, првиот порив на секој родител е дополнително да ги заштити своите деца. Но, дали е тоа вистинскиот начин? Или советите што Кристина Хилсберг ги дава во книгата „Лиценца за родител“ се покорисни? Книгата треба да биде објавена на почетокот на јуни, но најавите на издавачот веќе кренаа големо внимание, бидејќи Кристина дваесет години работела како таен агент на американската тајна служба ЦИА.

При воспитувањето на своите деца, таа ги користела техниките и методите што ги научила за време на обуката за работата што ја работела. Тогаш решила да напише книга во која ќе им покаже на читателите како нејзината кариера како шпион и’ помогнала да воспитува способни и независни деца.

Помина времето на „хеликоптер“ родители

Некаде во средината на нејзината кариера, Кристина го запознала својот колега Рајан, кој имал три деца од претходниот брак. Кога се омажила за него, забележала дека неговиот однос кон децата е различен од оној што можела да го види во другите семејства и што таа самата го сметала за нормално.

Повеќето родители во нејзиното опкружување биле таканаречени „хеликоптер“ родители, кои се вртеле околу своите деца како пропелерот на хеликоптерот, премногу ги штителе своите деца, но исто така им го блокирале и погледот кон небото и се разбира, биле премногу вклучени во животот на децата. Сепак, ваквото родителство на долг рок не придонесува децата да станат самоуверени и независни индивидуи.

Дури и пред Кристина и Рајан да имаат две деца, таа била убедена во ефективноста на воспитувањето на Рајан, засновано врз неговите работни искуства, кои тој ги применувал на децата од претходниот брак. Иако на почетокот била скептична, таа полека се уверила во нивната ефикасност, а потоа започнала да го збогатува тој метод со свои искуства и вештини.

Сето тоа го претворила во книга, збогатена со бројни семејни анегдоти, со цел на другите да им укаже на виталните вештини на кои родителите треба да ги учат своите деца, но им недостасуваат.

Научете ги да носат одлуки

Она за што се согласуваат Кристина и Реј е првата точка според која децата треба да бидат подготвени и да се научат како да реагираат во критични ситуации. „Не ги тешете децата со плишани играчки, туку научете ги што да прават кога ќе се удрат“, пишува Кристина.

Таа опишува како ги опремиле своите деца со мал комплет за прва помош и ги научиле да ги користат сите делови од комплетот. „Помалку ќе се грижите кога вашето дете ќе вози велосипед или ќе игра кошарка со пријателите, ако сте го научиле што да прави и како да реагира во случај да падне и како да користи завој“, вели Кристина.

Кристина ги предупредува родителите да ги учат своите деца како да разликуваат која вода се пие, а која не. Ова не само што го штити детето во природата и во сè позагадените градови, туку го подготвува и за свет во кој водата за пиење ќе биде вистинско богатство.

„Ако ги научите децата на основните принципи на преживување, тие повеќе нема да бидат толку многу зависни од своите родители“, смета Кристина. Иако сите методи се претставени во ситуации на реален, нормален семеен живот, многумина сè уште ги сметаат за екстремни методи.

Кристина, на пример, вели: наместо да ги опкружувате децата со плишани играчки за да им биде удобно, научете ги на основните правила за прва помош. Советот децата да научат на време да возат мотор за да знаат да избегаат кога нема автомобили, многумина го сметаат за метод на ЦИА, но советот за тоа како да ги научите децата да донесуваат одлуки брзо и ефикасно е вистинско богатство.

Поддршка од Скандинавија

Книгата содржи корисни, практични совети за справување во природа, на улица, за правилна и корисна употреба на мобилни уреди, не само за игри, како и методи за решавање конфликти и самоодбрана. „Ова е освежувачки и многу потребен потсетник дека нашите деца се далеку поспособни отколку што признаваме“, вели Линда Мекгарк.

Линда ја поздравува книгата на Кристина како втор глас кој се придружува во нејзината борба за нов пристап кон воспитувањето на децата. Линда е автор на подеднакво револуционерна книга под наслов „Не постои лошо време: Тајните на скандинавските мајки за воспитување на здрави, еластични и самоуверени деца“. Во таа книга, Линда наведува дека -6 степени е идеална температура за децата да спијат надвор во количка и дека оваа практика треба да започне од втората недела од животот.