Пол Макартни и Ринго Стар, двајцата живи членови на легендарниот бенд „Битлси“, повторно се обединија за преработка на нивниот класик од 1970 година, Let It Be, која ќе се најде во претстојниот рок албум на Доли Партон.
Кантри ѕвездата изминатиот викенд ја објави новата верзија на Let It Be, дел од албумот „Рокстар“ кој треба да излезе во ноември. На снимката, Макартни пее и свири пијано додека Стар удира на тапани.
На соработката се приклучија и двајца други музичари: Питер Фремптон (гитара), и Мик Флитвуд од бендот „Флитвуд Мек“ (ударалки).
„Мислам, сериозно, може ли подобро од ова?“, напиша таа на социјалната мрежа X, поранешен „Твитер“.
Албумот „Рокстар“ е инспириран од приемот на Партон во Куќата на славните во рокенролот минатата година. Има девет оригинални песни и 21 преработка со ѕвезди соработници, вклучувајќи ги Елтон Џон, Мајли Сајрус, Стиви Никс, Деби Хари, Џоан Џет и Крис Стејплтон.