Село во Индија ја прослави инаугурацијата на американската потпретседателка


– Жителите на малото село Туласендрапурам во Индија, од каде што потекнува дедото на новата потпретседателка на САД, Камала Харис, денеска подготвија огномет и поделија слатки за да ја прослават нејзината инаугурација.



Календари со ликот на американскиот претседател Џо Бајден и Камала Харис им беа подарени на сите жители на ова село, кое се наоѓа на околу 320 километри јужно од индискиот град Ченај. Претставник на властите одржа специјална молитва, а атмосферата во во селото беше во целосна спротивност на мрачното расположение коешто во тој миг владееше во Вашингтон.

Под засилени безбедносни мерки и заканата од коронавирусот во воздухот, Бајден и Харис денеска положија заклетва. Харис, чија мајка е Индијка и чијшто татко е од Јамајка, го посетила Туласендрапурам кога имала пет години и често зборува за нејзините спомени од прошетките со нејзиниот дедо на плажите во Ченај, каде што тој и неговото семејство се преселиле од неговото родно село пред скоро 90 години.

Камала Харис е првата жена и прва личност со индиско-афроамериканско потекло, избрана за потпретседателка на Соединетите Американски Држави.