Принцот Чарлс страда од губиток на мирис и вкус по заразата со коронавирус


Принцот Чарлс страда од губиток на мирис и вкус по заразата со коронавирус - МИА

Лондон, 15 јуни 2020 () – Принцот Чарлс вели дека сè уште не го вратил своето чувство за мирис и вкус откако се зарази со коронавирусот во март.


 

Престолонаследникот говореше за својата здравствена состојба и искуството од заразата за време на посетата на Кралската болница во Глочестершир. Тој беше придружуван од неговата сопруга – војвотката од Корнвол, Камила. Притоа, тие ги следеле правилата на физичка оддалеченост од два метра.

На 71-годишниот принц му беше дијагностицирана инфекција со Ковид-19 многу бргу по прогласувањето пандемија. Колку што е познато, тој имал само благи симптоми на болеста, а стручните лица сметаат дека губењето на чувството за мирис е еден од главните симптоми.

Војвотката од Корнвол рече дека минатиот викенд ја оствариле својата прва средба со внуците по подолго време, нагласувајќи дека тоа е „одличен третман“ за болеста, иако прегратките се уште не се дозволени.