Поранешната сопруга на Безос, Мекензи Скот, подарува 2,74 милијарди долари за борба против расизмот


 Поранешната сопруга на основачот на Амазон и најбогат човек на светот, Џеф Безос, Мекензи Скот денеска изјави дека ќе донира 2,74 милијарди долари за уметнички групи и здруженија кои се борат против расната дискриминација.


 

Според магазинот Форбс, милијардерката Скот (51) поседува речиси 60 милијарди долари и ветила дека ќе донира половина од своето богатство во добротворни цели.

Скот, која во меѓувреме се омажи за професорот Ден Џуит, изјави дека таа и нејзиниот сопруг биле „водени од верувањето дека ќе биде подобро непропорционалното богатство да не биде во рацете на само неколку луѓе“.

Милијардерката претходно веќе донираше околу шест милијарди долари за да им помогне на оние кои се економски најпогодени од епидемијата на коронавирусот, а потоа кажа дека сака да ја намали нееднаквата распределба на богатството.

Парите што ќе ги донира сега ќе бидат дадени, меѓу другите, на Аполо театарот во Њујорк, американскиот Фонд за одбрана на децата, одделите на универзитетите во Калифорнија, Флорида, Тексас и Илиноис, како и на групите за социјална правда (Race Forward, Borealis Philanthropy).