Новитет на Халкидики: Црна пица


– Ако на одмор во Грција, пицата што ви ја сервираат е црна и има силен мирис на квасец, можеби и не се работи за шега, скриена камера или грешка…



Вистината лежи во друго… Закуската се прави од остатоци од производство на вино, особено црвено, и ова ја објаснува нејзината темна боја.

Винарската визба Јерисо на полуостровот Халкидики, за таа цел, отскоро отстапува остатоци од ферментација на вино, па така, нејзините производи сега се на маса… Говорејќи за радиопрограмата на АНА-МПА, директорот на винарската визба, Ангелос Заманис објаснува дека се употребуваат состојки што досега биле фрлани наместо да се рециклираат.

– Талогот е она што останува по алкохолната ферментација и производството на вино. Не само што сега не го фрламе, туку цела оваа смеса ја насочивме кон мрежата производители од ова подрачје кои создаваат иновативни пекарски производи, како што се пица, леб и слатки. Смесата содржи преостанати шеќери, киселост и природни бои, а бидејќи се произведува по алкохолна ферментација на вино, содржи и остатоци од квасец, од каде што доаѓа мирисот на квасец, објаснува тој.

Со ова, се чини, повеќе нема непотребно фрлање на остатоците храна, што значи помало загадување на животната средина, но и стопанска корист, според Заманис, кој е и хемичар, меѓу другото.

– Овие производи дури и ја зголемија продажбата на компаниите од оваа област. Луѓето кои додаваат талог од вино во тестото, откриле дека нивната продажба се зголемува. Тоа – или затоа што луѓето го пробуваат производот од љубопитност или затоа што им се допаѓа вкусот, што е посебен, особено на лебот. Вторите се тие кои ги зголемуваат нарачките, објаснува угостителот.