Колекција накит со „нацистичко минато“ заработи 155 милиони долари

nakit
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дел од спорниот накит на австриската милијардерка Хајди Хортен (1941 – 2022), чие богатство потекнува од нејзиниот покоен сопруг – нацист и неговото преземање еврејски имоти во Хитлерова Германија, се продаде за повеќе од 155 милиони долари вчера, на наддавање на „Кристи“.

Рахул Кадакија, меѓународниот директор за накит на аукциската куќа, ја оцени продажбата како „успешна“ и истакна дека собраната сума го урнала рекордот – повеќе од 100 милиони долари постигнати со продажба на предмети на холивудската ѕвезда Елизабет Тејлор во 2011 година. Во колекцијата се наоѓаат повеќе од 700 парчиња накит коишто биле во сопственост на австриската покровителка Хајди Хортен.


– Целата колекција беше проценета на 150 милиони долари и стигнавме до 155 милиони само за првата продажба, така што мислам дека тоа е многу добар резултат, изјави Кадакија.

Речиси 100 предмети беа понудени вчера, 150 други ќе се најдат на аукцијата утре, а останатите ќе се продаваат на интернет-наддавањето што трае до 15 мај и во ноември. Некои од главните парчиња од накитот се продадени за помалку од проценетата цена. Најскапиот предмет, на пр. – прстен „Картје“ со рубин од 25,59 карати, проценет меѓу 14 и 18 милиони швајцарски франци, достигна само 11 милиони франци (околу 11,25 милиони евра).

Повеќе еврејски организации побараа да се откаже продажбата.

Непосредно пред почетокот на наддавањето, Кадакија повтори зошто „Кристи“ одлучи да ја спроведе аукцијата на накит со контроверзно минато.

Според него, целата добивка од продажбата ќе оди кај добротворната „Фондација Хортен“. Тој додаде дека и „Кристи“ ќе им даде дел од својата заработка на еврејските институции и помнењето на Холокаустот.

Според „Форбс“, богатството на Хајди Хортен, која почина во јуни 2022 година, изнесува 2,9 милијарди долари.

Негодувањето, инаку, е предизвикано од потеклото на богатството на нејзиниот сопруг Хелмут Хортен (1909 – 1987), кој беше сопственик на еден од најголемите синџири стоковни куќи во Германија, именуван по него. Починал 1987 година во Кроље, во швајцарскиот кантон Тичино, каде што е раководител на фондација што исто така го носи неговото име. Фондацијата го опишува како претприемач „обдарен со силно чувство за општествена одговорност“ кој го основал првиот супермаркет во Германија кон крајот на 1950-тите.

Продажбата на накит од такво семејство беше критикувана од Центарот „Симон Визентал“ специјализиран за потрага по нацисти, како и од Американскиот еврејски комитет.

– Да не ги наградуваме оние чии семејства можеа да се збогатат благодарение на очајните Евреи кои беа цел на нацистите и на коишто им се закануваа нацистите, вели рабинот Абрахам Купер, еден од претставниците на Центарот.

На интернет-страницата на кантонот Тичино е наведено дека тој ја изградил својата империја токму во спорните 30-ти.

Во 1936 година, три години откако Адолф Хитлер стана германски канцелар, Хелмут ја презел текстилната компанија „Алсберг“ во Дуизбург, по бегството на нејзините сопственици Евреи. А, потоа презел уште неколку компании коишто им припаѓале на Евреите. По Втората светска војна е заробен од Британците и бил интерниран до 1948 година.

Според извештај објавен во јануари 2022 година од историчари најмени од „Фондацијата Хортен“, вклучувајќи го и Петер Херес, Хортен бил член на Хитлеровата Национал-социјалистичка партија, но бил изгонет од неа и ослободен од Комитетот за денацификација.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK