Здружението за култура и уметност „Иљо Антески Смок“ од Тетово објави конкурс за најдобра необјавена песна


 – Здружението за култура и уметност „Иљо Антески Смок“ од Тетово го распиша овогодинешниот конкурс за најдобра необјавена песна за деца, млади и возрасни на темите „Мајски Латици“ и „Ликот и делото на Иљо Антески Смок“. Ќе бидат избрани најдобри песни во категориите на учество: деца од четврто до деветто одделение, ученици во средно училиште и млади до 25 години и возрасни над 25 години.


 

– Песните треба да се напишани на македонски јазик, во дадените теми и претходно да не се објавени. Конкурсот е отворен до 31 октомври 2021 година до кога треба да се испраќаат песните. За трите категории ќе следуваат една прва, две втори и три награди за трето место, за секоја група одделно. Добитниците ќе бидат прогласени на 30 ноември 2021, а наградите ќе се доделуваат за време на шестиот меѓународен литературен фестивал – „Поетски Латици-2022“, кој ќе се одржи во Музејот на КПМ во месноста Два Бреста во Тетово на 10 мај 2022 година во 19 часот, информираат од Здружението за култура и уметност „Иљо Антески Смок“.

За доставувањето на песните треба да се користи адресата на ЗКУ „Иљо Антески Смок“, ул. „Илинденска“ бр. 6.6, поштенски број: 1200, Тетово.

-На едниот плик треба да има назнака за Литературен Конкурс-2022, учество во која категорија и песната напишана во Word документ под шифра. Истата шифра да се назначи на надворешната страна на друг плик каде што на посебен лист треба да стојат лични податоци од типот:  име и презиме на авторот, дата на раѓање, насловот на песната, име на училиште како и одделение или клас, како и ментор на ученикот во дадени категории, место на живеење, телефонски број и мејл за контакт на учесниците, информираат организаторите.

Сите песни кои ќе бидат доставени и потоа прифатени од страна на комисијата ќе бидат објавени во Алманахот за 2022 година. Наградените покрај можноста за учество на фестивалот „Поетски Латици“, ќе можат да присуствуваат на шестиот интернационален фестивал на Афоризми, хумор, карикатура и затира – „Насмевки 2022“.