Зборник и видео издание на Охридската академија на хуманоста ќе бидат објавени на пролет


 Оваа пролет ќе бидат објавени зборник и видео издание на Охридската академија на хуманоста, по одржувањето на Мегународната конференција „Охридската школа на хуманизмот, од Средниот век до денес, во Европа и во светотот“.



Предлогот, како што соопшти денеска Охридската академија на хуманоста, е на поранешниот италијански премиер и претседател на Европската комисија, Романо Проди. Зад изданијата застанува угледната институцијата – Архив на Европската Унија, раководена од Проди, а ќе бидат промовирани во Фиренца каде тој е претседател на институцијата Архив на Европската Унија.

„Охридската школа на хуманизмот, од Средниот век до денес, во Европа и во светотот“, годинава на едно место собра над 40 учесници, видни интелектуални, универзитети и политички величини, кои го одбележаа јубилејот – 15 години од Свеската награда на хуманизмот.

Со ова меѓународно признание Охрид и земјава ги овенчаа бесмртните имиња на светската култура и наука, меѓу кои на Даисаку Икеда (Јапонија), Маноел де Оливеира (Португалија) нобеловците Александр Солжењицин (Русија) и Херта Милер (Германија), Рави Шанкар (Индија) Питер Брук (Велика Британија) Џон Ралстон Сол (Канада), Светлин Русев (Бугарија) Романо Проди (Италија), Вида Огненовиќ (Србија), Георги Старделов (Република Северна Македонија) и годинашниот добитник академик Абдулах Шарчевиќ (Босна и Херцеговина).

На конференцијата свое обраќање имаше и претседеталот Стево Пендаровски, во кое тој го потенцира трисетгодишното дејствување на Охридска академија на хуманизмот, која „во современ контекст, всушност, го продолжува делото на Свети Климент Охридски“.

Годинашниот добитник на Светската награда на хуманизмот, академик Абдулах Шарчевиќ од Сараево, исто така, земјава и Охрид ги издвои како духовна светлина, која ќе го покажува патот на хуманизмот во филозофијата на хуманизмот во Европа и светот.

За следната година е предвидено, по официјалната одлука на Советот на општина Охрид, да се инаугурира спомен-обележје кај Долна Порта, со имињата на сите досегашни добитници, заедничко дело на Светлин Русев од Бугарија и Дарко Башески од Северна Македонија.

Од Охридската академија на хуманоста посочуваат дека постоењето на награда за хуманизам е гордо достигнување на земјата.