Завршува осмото издание на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“


Завршува осмото издание на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ - МИА

Скопје, 16 септември 2020 () – Осмото издание на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ ќе биде затворено вечер кога ќе биде прочитан говорот на Исмаил Кадаре, добитник на наградата „Прозарт“ за авторски присонес во балканската книжевност. Писателите-гости на фестивалот ќе прочитаат извадоци од свои дела.

Феминизмот, женското тело, идентитетот меѓу темите на втората вечер на фестивалот што се одржа синоќа во Куршумли ан. Хрватските писатели Анте Томиќ и Миљенко Јерговиќ кои не можеа да пристигнат во Скопје, синоќаа учествуваа на фестивалот преку специјално снимен видеоразговор. Тие, меѓу другото, зборуваа и за своите последни книги објавени на македонски јазик – „Маж без мустаќи“ (Томиќ) и „Мачка, човек, куче“(Јерговиќ).

Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев ја претстави младата книжевна ѕвезда во регионот, Магдалена Блажевиќ од БиХ. Таа објасни дека долго работи на некој расказ, некогаш и по два месеци затоа што остава од „одлежи“ и потоа пак го препрочитува. Вели дека пишува раскази кои таа како читател би сакала да ги прочита и дека многу сака синтагми и фрази кои ги наоѓа во поезијата.

-Мислам дека јазикот е подеднакво важен колку и тоа што се случува во приказната. Ако имате само добра приказна, а немате добар јазик тогаш немате добра литература – рече Блажевиќ и спомена дека меѓу авторите на раскази кои ги чита е и Румена Бужаровска.

Прокопиев и рече дека во нејзините раскази има многу насилство и ја праша дали има нешто што ја поттикнува на такво пишување.

-Пораснав во селска средина, во една затворена заедница со сопствени правила на празноверие. Секако дека не можам да пренесам како било бидејќи сеќавањата се секогаш искривени, но за мене како писател тоа ми одговара. Расказите кои зборуваат конкретно за чедоморство, за насилство, за нелегални абортуси се вистините затоа што јас запишував факти кои тие жени ми ги раскажуваа. Но, морав од тоа да изградам живи ликови, жива атмосфера, рече Блажевиќ.

Писателот Владимир Јанковски во своите воведни зборови за Маја Солар од Хрватска, рече дека е авторка на жестока литература и авторка на филозофско-критички осврти во кои е доста критична кон одредени феномени во светот во кој живееме. Таа вели дека не се плаши од конфронтирање. Јанковски додаде дека кога ќе се пребара нејзиното име на интернет пишува дека таа е марксистичко-феминистичка филозофка и ја праша дали таа идеолошко-политичка одредница ѝ смета.

-Сите ние, свесно или не, репродуцираме некоја идеологија. Многу ми е значајно кога за мене се зборува во контекст на феминизам да се каже точно кој е тој феминизам што мене ме интересира затоа што постојат мноштво феминизми кои мене ми се проблематични. Тоа не ми смета, но секако дека може да биде пречка кога така отворено зборуваш што си. Тоа си навлекува куп непријатели, што е сосема нормално. Не очекувам на сите да им се допаднам, но многу ми е важно да ги „отворам“ сите карти – појасни Солар.

Солар има изјавено дека копнежот нешто да мислиш, да пишуваш, да зборуваш во целост е неразделен од отпорот. Во контекст на ова таа рече дека често ја води бесот да пишува, како некој издувен вентил, и додаде:

-Не мислам дека ми служи како терапија, не ми помага често, но не можам и не знам поинаку. Тоа е моето оружје. Дефинитивно за мене е отпор. Најмногу ја сакам литературата и теми кои пркосат, кои покажуваат некаков отпор и можеби затоа тоа го канализирам на тој начин.

Како што се наведува во соопштението од фестивалот, претседателот на одборот за доделување на наградата „Прозарт“, Ермис Лафазановски ја претстави писателката и книжевна теоретичарка Елизабета Баковска. Таа преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика, а во последно време сѐ почесто пишува литература за деца.

Баковска, надоврзувајќи се на претходните авторки истакна дека нема еден феминизам, има многу феминизми и речиси секогаш постои непријатно чувство кога се зборува за феминизам, за женското писмо.

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт“, а е поддржан од Министерството за култура, ТРАДУКИ, Институтот „Јунус Емре“ од Скопје, Делегацијата на ЕУ, Град Скопје, амбасадата на Босна и Херцеговина и од Кинотеката.


Вести

Три медицински сестри од ГАК позитивни на Ковид-19, а доктор и директорката се во самоизолација

– Три медицински сестри од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство се позитивни на Ковид-19. Се заразиле преку семеен контакт, а двајца доктори меѓу кои директорката на Клиниката, Викторија Јовановска се во самоизолација поради заболени […]

Вести

Апел од верските лидери до граѓаните: Да се почитуваат мерките со цел заштита на своето здравје и здравјето на блиските

– Сите наши верници и сите граѓани на нашата држава, на актуелната состојба со коронавирусот да гледаат со највисок степен на сериозност и со целосно и доследно почитување на сите пропишани мерки да го заштитат сопственото, […]

Во Собранието формирани пратеничките групи - МИА
Вести

Законот за заштита од заразни болести и ребалансот на Буџетот пред пратениците на 27 октомври

Измените и дополнувањата на Законите за заштита на населението од заразни болести, ребалансот на Буџетот и законот за заштита од дискриминација се очекува да бидат на дневен ред на собраниската седница закажана за 27 октомври. Доколку […]

Биди првиот кој ќе коментира

Вашиот коментар

Твојата е-маил адреса нема да биде објавена.


*