Заврши Фестивалот „5 ре“

5-re
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со стенд ап шоу на Жарко Јовановиќ, во големата сала на театарот„Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа во Велес заврши второто издание на Фестивал на комедијата „5 ре“. Актерот Жарко Јовановиќ од кумановскиот театар со своите успешни имитации во најголем дел на политичарите и по некој новинарски и спортски коментатор, ја засмеја велешката пубика и изнуди силни аплаузи на крајот од вечерта.

Фестивалот „5 ре“е посветен на еден од најголемите македонски актери велешанецот Петре Прличко, а го организира Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ под покровителство на Општина Велес.


Ненад Витанов од организациниот одбор на театарот за МИА оцени дека ова второ издание на Фестивалот беше исклучително успешно со многу публика и многу претстави.

-Јас сум исклучително задоволен од тоа како се одвиваше фестивалот.Сите претстави кои беа селектирани за фестивалот беа прекрасни и како организационен одбор сме исклучително задоволни како помина, оцени Витанов.

Прашан дали можеби догодина ќе прерасне во меѓународен, изјави дека веќе од денеска ќе почне селекцијата на сите театари кои имаат комедија, а се надева на гостување и на театарите од регионот.

На прашање дали можеби догодина ќе востановат и награди на фестивалот одговори дека засега тоа не може да го откријат.

Ана Петрова љубител на театарот и редовен посетител на претставите, вели дека сака комедијата што почесто да биде застапена на репертоарот на велешкиот театар, како што беше до пред десетина години.

-Во стариот велешки театар комедиите беа многу чести на репертоарот. Во последниве години во новиот театар за жал ги има минимално или воопшто ги нема. Не дека не треба да има трагедии и други претстави кои исто така ги посетуваме, но сепак сметам дека во овие наши стресни времиња како публика ни треба комедијата малкуповеќе за да се насмееме и релексираме од секојдневните грижи и да се расположиме, вели Петрова.

Во амфитеатарот на Младинскиот парк, во саботата на отворено за децата беше прикажана претставата „Сказна за рибарот и рипката“ во изведба на Театарот „Колозов“.

Ова второ издание на „5 ре“ започна во понеделникот на 15 мај. На фестивалот беа изведени шест претстави од кои една за деца како и две стенд ап шоуа. Првото стенд ап шоу „Да болит“ на актерот Никола Тодоровски беше изведено во четвртокот на место на претставата „Секс и лаги“ нa Кумановскиот театар која беше откажана поради болест на една од актерките во претставата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK