Започна 17-от Интернационален фолклорен фестивал „Велес 2022“


На сцената на отворено во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес, пред повеќе илјадна публика, по пауза од две години започна 17-то издание на Интернационален фолклорен фестивал „Велес 2022, на којшто учествуваат 20 ансамбли од земјава, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија, Словачка и Турција.

 

 

Фестивалот го отворија домаќините од КУД „Коле Неделковски“ од Велес, а свој настап на првата фестивалска вечер имаа уште девет ансамбли од Хрватска, Бугарија, Турција, Босна и Херцеговина, Словачка и Северна Македонија.

Фестивалот започна со дефиле на учесниците низ главните велешки улици што ги воодушеви велешани кои дојдоа и застанаа да ги видат и поздрават, а кон кое се приклучија и децата од велешките градинки „Димче Мирчев“ и Балетското студио „Анабела“.

– Негувајќи ги традициите и фолклорот го негуваме идентитетот, она по што светот не препознава и со што се гордееме. Изобилието на народна култура која ја пренесуваме од колено на колено не прават горди велешани, горди Македонци. Она што низ годините го одбележува Велес е заедништвото и обединувањето на различностите на Интернационалниот фолклорен фестивал “Велес” кој оваа вечер го започнува своето 17 издание, порача на отворањето од бината градоначалникот Марко Колев во својство на организатор на манифестацијата.

Тој  утрово во својот кабинет ги прими и разговараше со  учесниците на ИФФ „Велес 2022“ и им посака топло добредојде во Велес до 9 јули до кога трае и фестивалот.

Вечерва во 20,30 часот на истата сцена е Втората фестивалска вечер кога свој настап ќе имаат Ансамблот „Распеани велешани“, ФТА „Дупница 2000“ од Бугарија, КУД „Живинице“ од Босна и Херцеговина, КУД „Стоби“ од Градско, КУД „Страхонинец“ од Хрватска, ФА „Дружба“ од Словачка, ФА „Китка од Истибања,  и ФГ „Кочаели фолклор Г.С.К“ од Турција.