„Врба“ на Милчо Манчевски добитник на наградата за најдобар филм на њујоршкиот фестивал „Стони Брук“


„Врба“ номиниран за најдобар меѓународен филм на фестивалот Рејнденс во Лондон - МИА

– Жирито беше трогнато од артистичката длабочина на филмот, кој предизвика бурни емоции кај публиката, пишува њујоршкиот фестивал „Стони Брук“, на кој филмот „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски освои награда од жирито за најдобар филм.


 

Фестивалот „Стони Брук“ за независни филмови оваа година се одржа по 26-ти пат, на кој се прикажаа 35 американски и странски филмови на независни режисери.

„Врба“ на Манчевски ја имаше светската премиера на Римскиот фестивал 2019 година, а беше прикажан на 30 меѓународни фестивали. Добитник е на пет награди – Најдобра режија на Рејнденс во Лондон, Најдобар филм на Синеквест во Калифорнија, Сребрена палма во Валенсија.

Европската филмска академија го вброи во потесниот избор на филмови за награда во 2020 година, а беше кандидат и за Оскар.

„Врба“ собори рекорди на гледаност во Северна Македонија, а од неодамна е продаден за дистрибуција во САД, каде ќе биде достапен и во ДВД издание. Достапен е на Синемакс и Ејч-Би-О.

Режисерот Манчевски во моментов работи на нов проект насловен „Кајмак“, што привршува со снимањето на локации низ Скопје, во населбите Козле, Автокоманда, Водно, Лисиче. „Кајмак“ е црна комедија или среќна трагедија за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот на филмот. Филмот е безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината.

Новиот филм на Манчевски е во европска копродукција, поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и од филмските фондови на Бугарија, Данска, Холандија и Хрватска. Копродуцент е Македонската Радио Телевизија и е поддржан од европскиот фонд Еуримаж.