Врачено Рациновото признание за 2020 на Томислав Османли


– На сцената во народниот театар „ЈХК-Џинот“ во Велес синоќа, во рамките на 57 Рацинови средби, му беше врачено Рациновото признание за 2020 на Томислав Османли за неговата книга „Парадоксикон“. Почесното Рациново признание за 2020 на проф д-р Виктор Фридман од Чикаго, САД и проф д-р Јоуко Сакари Линдстед од Хелсинки Финска, кое се доделува заради нивна афирмација на македонскиот јазик, литература и култура надвор од границите на земјава во нивно отсуство го примија д-р Људмил Спасов и Гоце Ристовски.

Со синоќешната свечена програма завршија годинашните  57-ми Рацинови средби.

Томислав Османли примајќи ја високата книжевна награда изјави деја е почестен што стана носител на нашeтo врвно литературно признание кое се доделува, безмалку шест децении, посветено на Рацин.

-Признанието кое  го носи светлото име на Коста Солев – Рацин, еден од мугрените предвесници на современата македонска литература и, безостатно и несомнено, на идејата на современата македонска демократска државност уште од времињата кога таа се војувала саможртвено, со највисоки идеали, со борба, со крв, со мечта и со песна. На Рацин со кој се гордее и кого не прекинува високо да го чествува овој достоинствен град и неговата доблесна Управа, која привилегира литературата и во овие ненаклонети времиња високо ја претпочита културата, потенцира Османли.

Тој појасни дека делото и личноста на Рацин се утока од најмалку три суштествени, бистри водотеци – неговото врвно поетско и, воопшто, единственото книжевно дело, неговиот хуманистички и социјален ангажман, неговиот слободољубив алтруизам којшто го исполнувал и го поттикнувал на културна и на хуманистичка политичка дејствителност, како и неговиот разгорен, богат македонски јазик, високолитерарен уште пред дефинитивното устројување на нашите стандардни лингвистички канони и во тој идентитетски делокруг – Рациновата јасна и ангажирана македонска национална припадност и, воедно, неговата најширока космополитска културна определеност. И сето тоа, во времиња кога тие легитимации биле прогонувани, забранувани и жестоко санкционирани.

-Затоа литературата на Коста Солев – Рацин е творештво на еден чувствен и сочувствен, на еден човекољубив, лиричен, а едновремено и развиорен, модернистички темпераментен, револуционерен и слободољубив, едновремено, и длабоко национален ангажман. Рацин е универзален и национален културен паметник и знак, споменик на отпорот кон негациите и кон релативизациите на сите тие вредности, особено на македонскиот јазик и национален идентитет. Неговиот македонски книжевен јазик е народниот јазик од нашите најстари хоризонти во кои и Рацин бил топло загледан, и од кои впрочем осамнаа и неговите Бели мугри, но и силно светнатиот ден на една бујна книжевност го слуша топлиот македонски шепот среде големото растреперено словенско книжевно соѕвездие – дел од сводот на кој блескаат сите ѕвезди на овој единствен свет – и соседски (ние рациновски сакаме да речеме: добрососедски!), и пошироко  европски и најшироко универзален, потенцира Османли.

Тој современ свет на убавата литература, додаде, денес закрева колосални тревоги, шиба по отуѓувањето на општеството обезличено од меркантилност, од социјален еготизам, од обестите на безграничната моќ на капиталот ставен над човекот, над правдата и над етиката, книжевноста ја жигосува, во сите свои жанрови, видови и наративи, оваа реалност со изгубен човечки лик и мерки, светот огледан во апсурдното орвелијанско огледало, светот на една безгранична хипокризија и новата реалност презаситена од  мултимедиски симулакруми и фатаморгани, на светот на моќта и на  политиката кој се однесува спротивно од сопствените декларации и прокламирани принципи.

-Но, воедно новата литература умее и да блика од величествени восхити, во роеви впечатливи творби, отворајќи простори за една понадежна стварност во подобриот дел од 21-ов век. Така и нашите творби и поетики не престануваат и денес, уште поживо, и понепосредно да  комуницираат со светот и да се пресметуваат со неговите и наши хипокризии и парадокси, рече Османли.

Тој додаде дека нивниот најбуен извор е токму литературата на Рацин. Таа литература и самата напојувана од страстни естетски и етички ангажмани, носи живи  одгласи на европската модерна: на германскиот експресионизам, на рускиот револуционерен футуризам, на различни школи од социјално ангажираната поезија на европската и на оновремената југословенска модерна; ехото на парискиот и на белградскиот надреализам, но и одгласите на Крлежиниот „Дијалектички антибарбарус“ кого што, за разлика од спомнатиот белградски авангарден круг, Рацин – уште поавангардно! – „по срце и по совест“ одбива да го критикува според директива „одозгора“…

-Рациновата книжевност се претставува како национална, регионална и интернационална, но – најмногу – таа е своја и наша. Таа е наша и космополитска, зашто и Рациновата песна и дело – го носат  македонскиот јазик, неговиот автентичен звук и неговата светла созвучнист – во светот; како што со своите вредности таа го содржи слободољубивиот, еманципаторски, човечки достоен свет – во македонскиот јазик. Творештвото на Рацин е куќа на мугрите, дом на големото срце на овој народ, нашето бело напнато едро на надежните стремежи и нови очекувања, што силовито нѐ носи, бездруго, и во нови домицилни и универзални предизвици, но, верувам, пред сѐ во завладеаниот свет на општествени и човечки вредности; во нашите претстојни и конечно  подобри времиња – „У новиот нѝ век“!, посочи Османли.

Људмил Спасов заблагодарувајќи се од името на добитниците на Почесното рациново признание за 2020 од проф д-р Виктор Фридман и проф д-р Јоуко Линдстед, истакна дека во лицето на овие двајца професори кои долги гоини наназад надвор од нашите граници во светот го презентираат македонскиот јазик, литература и култура, тој  гледа и дека тие затоа се  големи и искрени и секогаш пријатели  на нашата земја.

-Македонци да го поздравуваме и чествуваме Виктор Фридман и Јоуко Линстед, потенцира Људмил Спасов.

Програмата на свеченото затворање на Рациновите средби беше збогатена со поетската изведба „Рацин во фрагмент“ во изведба на актери од велешкиот театар. На крај програмата заврши со концерт на класична музика во изведба на Градскиот камерен оркестар.


Бизнис и економија

Нов протест на оштетените од Еуростандард банка

Оштетените од пропаѓањето на Еуростандард банка најавуваат дека ќе одржат втор протестен собир пред зградата, како што наведуваат, „на еден од главните виновници за ситуацијата во која се наоѓаат, а тоа е Народната Банка“. Протестот […]

Вести

Расте бројот на заразени, починати и хоспитализирани од Ковид-19

– Нови 628 случаи со Ковид-19 од 2236 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа. Починати се 15 пациенти од кои седум од Скопје. Регистрирани се 531 оздравен […]

Вести

Измените на Законот за заштита од заразни болести пред Комисијата за здравство

– Собраниската Комисија за здравство денеска треба да го разгледа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, по скратена постапка, во второ читање, откако вчера на пленарна […]

Биди првиот кој ќе коментира

Вашиот коментар

Твојата е-маил адреса нема да биде објавена.


*