Ликовниот уметник Славчо Максимовски од Тетово вчеравечер во салата „Тоше Проески“ во Македонската православна црква „Св. Злата Мегленска“ во Загреб ја постави изложбата „Убавите жени“, а промотор на изложбата беше хрватската пратеничка Маријана Петир.
Со поддршка на македонско – хрватското друштво (МХД) од Тетово, загребската јавност синоќа имаше ретка прилика одблиску да ги погледне 29-те комбинирани слики и фотоманипулации на академскиот сликар Максимовски.
Настанот симболично, во предвечерието на Денот на независноста на Република Хрватска, беше организиран во објектот на новоосветената и прва македонска православна црква во Хрватска. Од името на домаќините, присутните ги поздрави Зорица Велиновска, а по неа поздравен говор имаше хрватската пратеничка Петир, истакнат пријател на Македонија и македонскиот народ.
-Замислата е да се даде почит кон жените и да се претстават жени кои преку психологијата на нивните ликови ќе ја појаснат убавината, односно суштината на жените кои живеат тука, успешни, без бариери и предрасуди. Жените мора да се столб на едно општество. Притоа, не се мисли само на физичката убавина туку на поривот за истрајност, борбеност, мистика, страст, херојство, непокорност на патот кон успехот, и секако жената како центар на светот, изјави Славчо Максимовски.
Станува збор за комбинација на класична фотографија, цртеж во комбинирана техника и дигитална обработка односно фото манипулација. Димензиите на сите фотографии се 50/70см. Изборот на жени неслучајно е направен и е составен од жени од различни професии и различна возраст.
На изложбата застапени се и неколку жени од Тетово или со тетовско потекло: водителката Слободанка Илиевска, диригентката Јасмина Ѓорѓеска, планинарката Ирина Дишовска, водителката Татјана Стојановска и др. Вкупно 29 жени со свој карактер, своја посебност, успешни, моќни, со интересни животни приказни, свои.
Академискиот сликар Максимовски е роден во 1988 година во Скопје. Има дипломирано и магистрирано на Факултетот за ликовна уменост во Скопје. Досега има изложувано во Тетово, Скопје, Гостивар, Куманово, Велес, Битола, како и надвор од државата – во Италија, Србија, Финска и Мексико.