Во Струмица се одржа советување за библиотекарството и се прогласени најдобрите библиотекари за 2023 година

strumica
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Струмица денеска се одржува еднодевно советување на тема „Библиотеката темел на писменоста“, а беа доделени и признанијата на најдобрите библиотекари за 2023 година во јавните и училишните библиотеки.

Признанието библиотекар на годината „Павлина Цунева Маказлиева“ го добија Тања Гошева од струмичката библиотека „Благој Јанков Мучето“ за врвни достигнувања во оваа област и Магдалена Кочовска Салтирова од Бибилиотеката „Искра“ од Кочани за особени достигнувања.


Во категоријата училишни библиотеки признанието и припадна на Анета Велкоска од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ од Скопје, додека Љупка Стојменова од ООУ „Никола Карев“ од Кочани и Бранка Ивановска Блажевска од ООУ „Јан Ханјрих Песталоци“ од Скопје добија благодарници.

Според професорот д-р Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип многу важно прашање е како ќе изгледаат библиотеките во иднина.

-Ескперти од повеќе држави направиле симулации и сценарија што ќе се случува со овие институции. Има многу сценарија, но јас ќе го споделам тоа што е најпосакувано, а тоа е како образовните институции, училиштата, факултетите и библиотеките да станат основни центри на општеството. Тие да бидат отворени центри без ѕидови, отворени за соработка со локалните заедници со кои ги делат задачите и одгворностите, рече професорот Барбареев.

Тој додаде дека на прашањето што ќе се случи со библиотеките, со тие огромни простори, трезори, со книгите, одговорот е дека нема да дојде до исчезнување на книгата.

-Ние денес живееме во време кога многу книги се префрлени на електронските медиуми. Можете да добиете подарок таблет, а во него да има библиотека од 100 илјади наслови. Оригинални изданија кои можат да се читат на најразлични начини, па дури и некој да чита за вас. Но, ако го поставиме прашањето што е причината за постоењето на книгата, библиотеката-причината е читателот. Книгата ја има својата причина внатре, тоа што е во неа напишано и никогаш нема да исчезне и нема да се распадне. Но, и она за кого е напишана-читателот и тоа е клучниот момент во целиот свет и затоа нашиот однос треба да биде воспитување на генерации и нивниот однос кон книгата, подвлече професорот Кирил Барбареев.

На советувањето говореа и професорката Ана Витанова Рингачева, како и библиотекари од повеќе бибилиотеки во земјата.

Советувањето го организираа Манифестацијата „Средби под јаворите Видое Подгорец“, ЛУБ „Благој Јанков Мучето“ од Струмица и Издавачката куќа „Просветно дело“ од Скопје, а се одржа како настан на Манифестацијата „Струмица опен фестивал“, која почна денеска и ќе трае до 13 август.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK