Во Софија изложба на македонски уметници


– Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија денеска во 17 часот ќе биде отворена изложбата „Метакосмија“, составена од слики на македонските уметници Ангелина Спировска и Владо Муковски. Изложбата се состои од околу 20 слики создадени со мешана техника – акрил и смола.


 

Како што јави дописникот на МИА од Софија, отворањето на изложбата ќе трае до 20 часот и ќе биде со контролиран пристап, во согласност со мерките за превенција од Ковид -19. За љубителите на ликовната уметност во Софија, изложбата ќе биде отворена до 25 јуни 2021 година.

Ангелина Спировска е уметник со академско образование и конзерватор на фрески. Таа има дипломирано сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2014 година. Во 2012 година, образованието го надградува на Институтот за уметност во Сиена како стипендист на американската фондација Пол Гети. Во 2015 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Жанета Вангели. Учествувала на многу групни изложби во Северна Македонија и во странство.

Владо Муковски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на одделот за сликарство во класата на професорот Родољуб Анастасов, каде исто така се стекнал со магистратура. Добитник е на наградата „Борко Лазески“. Специјализирал во Институтот Палацо Спинели во Фиренца, во областа на конзервација и реставрација на фрески и нејзината методологија. Работи во Националниот конзерваторски центар во Скопје, како советник конзерватор за фрески и раководител на секторот за непосредни конзервации.

Авторите на изложбата сметаат дека достигнувањето до Метакосмија е невозможно за кој било космички субјект или суштество. Метакосмија е точката каде универзумот завршува и почнува. Ние, како автори, сме убедени дека преку уметноста и овие уметнички дела успеваме да ја допреме. Целта на овие слики не е да создадат убавина; убавината е искуство што не може да се наметне на никого друг, но нашата намера е да ја откриеме убавината што е тука, некаде, во нас или околу нас и повторно да ја интерпретираме преку креативниот процес преку / преку нашата работа, велат Спировска и Муковски.