Во Штип денеска се одржа инфо-сесија за потенцијалните корисници на програмата „Креативна Европа – потпрограма култура“.
Билјана Прентоска од Министерството за култура вели дека информативните сесии се за тековните повици на категориите „Проекти за соработка“ и „Циркулација на европските книжевни дела“ за 2023 година. Различни здруженија, локалните институции и образовни установи можеа да се запознаат со сите можности и критериумите за овие повици.
-Целта на овие настани е да се промовира повикот и програмата, односно да се запознаат потенцијалните корисници и апликанти со критериумите, условите за учество во креирање на европски проекти, коишто во основа се копродукциски и транснационални проекти, а во оваа насока ние ја спроведуваме оваа програма уште од 2008 година. Сега оваа програма е влезена во третиот програмски циклус, така што ние како земја станавме официјален учесник во оваа програма уште во 2021 година, а нашата канцеларија повторно почна да функционира официјално од оваа година, вели Прентоска.
Информативните сесии започнаа од Скопје, а потоа продолжија во Велес, Гостивар и Тетово, а денес се реализира во Штип. Прентоска вели дека се задоволни од покажаниот интерес, меѓутоа стремежот е интересот за учество во вакви проекти да се зголеми.
-Ние сме задоволни со одзивот, започнавме во Скопје, задоволни сме со заинтересираните потенцијални апликанти и организации кои го посетија нашиот настан. Генерално, да, сме задоволни, во основа тоа е бројот којшто се движи и во претходните години, но нашата цел е уште повеќе да ја промовираме оваа програма и да ги мотивираме организациите, да ги охрабриме дека не е толку тешко да се биде учесник, рече Прентоска