Во Бугарија претставена книгата „Преображенија“ од познатиот македонски писател Владимир Мартиновски


Презентација на книгата „Преображенија“, со поетски дела на македонскиот писател Владимир Мартиновски, се одржа денеска во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, јави дописникот на МИА од Софија.


 

Преведувач на книгата е бугарскиот поет Роман Кисов, кој исто така, го направи и изборот на содржината на книгата.

-Македонската поезија е прекрасна и отсекогаш сакав да покажувам какви културни процеси се случуваат во оваа блиска на Бугарија земја, рече Роман Кисов.

Освен пред публиката на Културно-информативниот центар во Софија книгата „ Преображенија“ ќе биде претставена на 12 мај, во рамки на Европската ноќ на литературата, што по десетти пат се организирана од странски културни центри и амбасади во Бугарија.

Книгата беше презентирана од директорот на КИЦ во Софија Сашко Насев пред насобраната публика и специјалниот пратеник на македонската влада за односи со Бугарија Владо Бучковски. Тој истакна дека улогата на културата и литературата е многу важна во односите меѓу општествата.

На презентацијата присуствуваше и делегација од Министерството за култура на Северна Македонија.