(Видео) Буџетот за културата проектиран според ковид условите



Министерката за култура, Ирена Стефоска на прес-конференција на Владата го презентираше Предлог-буџетот за 2021 година на Министерството за култура. Стефоска се осврна на приоритетите, проектите и политиките на Министерството за култура за 2021 година и истакна дека покрај сите предизвици – заштитата на културното наследство, поддршката на идеите и креативноста кај младите и ЕУ-интеграциите остануваат врвни приоритети кои се проектирани и за следната година.



Предлог-Буџетот за 2021 година за културата изнесува 3.276.430.000 денари, а средствата наменети за финансирање на проекти од национален интерес во културата во 2021 година изнесуваат 970.100.000 денари. Предлог-буџетот за култура во однос на целиот Буџет на Република Северна Македонија е 1,23 проценти, а во однос на Буџетот за 2020 година е намален за 10.000.000 денари.

Стефоска на прес-конференцијата информираше дека изминативе неполни 3 месеци се решавале голем број предизвици, свесни дека се наоѓаме пред година која нема да биде помалку лесна од претходната.

„Затоа работиме посветено за да креираме култура која ќе биде во релација со реалноста. А реалноста е дека – Буџетот за 2020-та длабоко стапнал на „чергата“ за 2021-ва. Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната, од 2 причини: првата е, во мај годинава Буџетот е скратен 30 % и втората, затоа што во јуни и јули се склучувале анекс на договори за зголемување на сумите во одредени дејности како и прифаќање на проекти по жалба кои претходно биле одбиени“, истакна Стефоска. Министерката за култура појасни дека откако ја презела функцијата министерка за култура, побарала отчет за секој потрошен денар и за секој долг на Министерството кој се прелевал од година во година.

„Веднаш го екипиравме одделението за внатрешна контрола во секторот финансии, ја активиравме внатрешната ревизија чиј извештај за една од дејностите е поразителен и оди на понатамошна постапка во соодветните институции. Заради тоа исплатите се забавени. За да не ја доведеме Културата во иста „стапица“, посветено работевме и на препораките на Државниот завод за ревизија од 2017-та, во врска со начинот на распределба на средствата од годишните конкурси. Наша цел е кај сите корисници, независно од исходот, да преовладее чувството дека процесот бил спроведен во фер постапка“, појасни Стефоска.