Уредничката во „Галимар“ Орор Туја и српскиот писател Владимир Бајац гости на „Скопје фелоушип“ на „ПРО-ЗА Балкан“


Дел од програмата „Скопје фелоушип“ на претстојниот 10. Интернационален фестивал на литературата „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје ќе бидат Орор Туја, уредничка и координаторка за странска литература во француската издавачка куќа „Галимар“ (Editions Gallimard), и српскиот писател Владимир Бајац, кој ќе ја претстави својата издавачка куќа „Геопоетика“.

 

 

„Прозарт медиа“, организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“, соопшти дека македонските автори и издавачки куќи ќе имаат можност да се запознаат со Орор Туја (1983), која во „Галимар“ е задолжена за преводите од германски, холандски, од јазиците од Источна и Централна Европа, а од минатата година ја координира и програмата на изданието Du Monde Entier во „Галимар“, меѓународно издание кое во 2021 година наполни 90 години.

-Токму во издание на „Галимар“, деновиве ќе излезе и француското издание на книгата „Мојот маж“ на македонската писателка Румена Бужаровска, соопшти организаторот на фестивалот.

Гостин во програмата „Скопје фелоушип“ ќе биде и српскиот писател Владимир Бајац (1954), кој е првиот лауреат на наградата „Прозарт“. Работел како новинар и преведувач до 1993 година, кога ја основал издавачката куќа „Геопоетика“, а од 2008 до 2010 година бил и потпретседател на српскиот ПЕН-центар.

Бајац има напишано повеќе романи, збирки раскази, збирки поезија и е добитник на многу светски награди за своите дела, меѓу кои и на меѓународната награда „Балканика“  за романот „Амамот Балканија“ во 2008 година. Неговите дела се преведени на 20-ина јазици и многу од нив се адаптирани за театарски претстави.

Учесници во програмата „Скопје фелоушип“  ќе бидат и Пелин Јилмаз од издавачката група „Епсилон“ и Катја Кац од КУД „Содобност Интернационал“. Тие ќе учествуваат на тркалезна маса на вториот фестивалски ден и ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.

Јилмаз во „Епсилон“ од 2019 година работи како менаџерка за странски права и главни одговорности и се  проектен менаџмент, корпоративна продажба и маркетинг.

Катја Кац (1992) од 2015 година работи во КУД „Содобност Интернационал“ како проект-менаџер и менаџер за странски права, била проект-менаџер на проектот за соработка со ЕУ „Нашата мала библиотека: Ајде да запознаеме детски автори и илустратори“.