Украинското дуо Ткаченко – Лопатински, Гала концерт и балетот Болеро на Националната опера и балет на „Охридско лето“


Украинското дуо Ткаченко – Лопатински, Гала концерт и балетот Болеро на Националната опера и балет на „Охридско лето“ - МИА

Охрид, 13 август 2020 () – Десеттиот фестивалски ден на „Охридско лето“ носи две интересни содржини, концерт на украинското дуо Дима Ткаченко на виолина и Роман Лопатински на пијано, како и Гала концерт и премиерната изведба на балетскиот спектакл „Болеро“ на Националната опера и балет.



Концертот на украинското дуо е од 20 часот во катедралната црква „Света Софија“, додека настапот на уметниците од Македонската опера и балет е од 22 часот на сцената „Долни Сарај“.

Виолинистот Дима Ткаченко започнува да учи виолина и пијано пред да наполни шест години. Учел на Школата за музика „Лисенко“ во Киев, а дипломирал на Музичката Академија во Киев во класите на Богодар Которович и Јарослав Ривниак. Во 1998 година поканет е да студира во Лондон во школата „Гилхол“ со Ифрах Ниман каде во 2002 година е избран за стипендијант и до 2008 година работи со Кшиштов Смиетана и Давид Такено. Добитник е на највисоката награда на „Гилхол“Диплома за концертен рецитал (Premier Prix), а носител е на награди и признанија од меѓународни натпревари како „Карл Нилсен“ во Данска, Натпреварот „Лисенко“ во Киев, и натпреварот за соло виолина „Вронски“ во Варшава.

Концертно настапува ширум Европа, Азија и Америка, во концертни сали како Вигмор Хол, Барбикан и Кадоган Хол во Лондон, Концертгебау во Амстердам, салата „Рој Томсон“ во Торонто, Филхармонијата во Келн, Големата сала на Московскиот Конзерваториум, салата „Лист“ во Будимпешта, Концертхаус во Берлин, Мегарон во Атина, Палатата на музиката во Барселона и Националниот аудиториум во Мадрид. Неодамнешните настапи со оркестар ги вклучуваат МАВ оркестарот во Будимпешта, Рускиот РТВ оркестар во Москва, Симфонискиот оркестар на Украина, Престедателскиот и оркестарот „Билкент“ во Анкара, Истанбулскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар во Лондон, Филхармонијата на Краков, Симфонискиот оркестар на Чиле, Атинскиот државен оркестар, оркестарот во Астана и др. Концертните турнеи го носат во Шпанија и Германија, а рецитално настапува во В. Британија, Украина, Франција, Јапонија, Сингапур, САД, Италија, Литванија, Унгарија и Полска. Настапува како солист со Националниот симфониски оркестар на Украина при нивната турнеја во САД.