Ученици од европски држави на заеднички концерт во Куманово


Ученици од Куманово, заедно со врсници од Германија, Хрватска и Турција вчера одржаа концерт насловен „Глобални звуци“ во Занаетчискиот дом во Куманово во рамки на проект преку програмата „Еразмус плус“ на Европската унија.
Свечениот настан во рамките на проектот за размена на ученици „Глобални звуци 2020-2023” од Еразмус + програмата ги поврза учениците од различните европски држави преку заеднички концерт. Претставниците на државите ја посетија и Општината, каде што се сретнаа со претставниците од општината. Целта на посетата на наставници и ученици од овие држави на Куманово е презентирање на спроведените активности и размена на проектни искуства, кои им донесоа забележителни резултати.
– Тука се веќе од недела и секојдневно имаме различни активности. Ова е музички проект, нашите ученици заеднички ќе свират, пеат и играат на концертот. Истото тоа го прават веќе сите овие денови, првин се подготвуваа во своите земји, а сега и заеднички ќе настапат на овој прекрасен настан, изјави наставничката Јасмина Денковска, координатор на проектот од Куманово

 

 

 

Проектот почна во 2020 година, но прв пат учениците се среќаваат на едно место и својата работа да ја претстават во фузија на музика, песни, игри и ора. Координаторот на проектот од Германија, Љутви Салман, вели дека проектот е уникатен.

– Проектот е сигурно уникатен, затоа што има различни аспекти во него, од традиционални танци, традиционални народни песни и тоа што го дава духот на овој проект е користењето на сите овие посебности да се направи нешто ново како премин, да се искористи една традиционална песна со компоненти од секоја различна земја, нивни инструменти, за да се создаде нешто ново и да се покаже дека има повеќе заеднички работи од различности, вели Салман. Вели дека е воодушевен од гостопримливоста на домаќините во Куманово и дека се чувствувале како да биле со пријателите и семејството со кои се познаваат долго време.

Официјалниот дел од проектот заврши вчеравечер, но учениците од Турција, Хрватска и Германија остануваат и денеска и утре.