Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје овој викенд во Демир Хисар ќе го реализира третото издание на проектот „Добри гости“ преку кој иницира серија книжевни гостувања на македонски автори, заеднички читања со нив, и во соработка со локални чинители.
Како што информираат од издавачката куќа, настанот е во рамки на проектот „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста III“ во организација на Центарот за креативни индустрии – „НЕБО“ од село Суводол, и „Култура бета“ , која е медиумски партнер на проектот.
„Добри гости III“ ќе започне во сабота во 20:00 часот во кафе-бар „Конект“ каде што ќе настапат околу дваесетина поети. Потоа, следниот ден, од 18:00 ч. дел од поетите ќе читаат и во „АРТ ПОИНТ ‒ ГУМНО“, во Слоештица. И, за крај, ќе биде изведен сликарски перфоманс на академскиот сликар Сергеј Андреевски, врз основа на прочитаните стихови.
На ова книжевно гостување ќе учествуват Владимир Мартиновски, Биљана Солунчевска, Марија Велинова, Андреј Ал-Асади, Ѓоко Здравески, Игор Станојоски, Фросина Пармаковска, Перица Сарџоски, Марија Ангеловска, Диме Данов, Антонио Павловски, Зоран Котевски, Кире Огненовски, Стојанче Колевски, Андреј Медиќ Лазаревски и Јулијана Величковска, така што дел од нив ќе се претстават со поетско-музички перформанс.
Овој, трет по ред настан, се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично. Гостувањата планираат да се одржат во повеќе градови, по што иницијативата ќе заврши кон крајот на 2023 г. со маратонско книжевно читање во Скопје, на кое, доколку се во можност, би учествувале сите вклучени автори.