Збирката раскази „Параглајдери меѓу гулабите“ е најновото прозно остварување на тетовскиот писател Јован Дамјановски. По издавањето на книгата, во разговор за МИА, авторот вели дека овие 16 раскази се амбициозна книжевна задача, затоа што се обидел да допре до литературниот феномен да оствари допир со стварноста и реалноста на животот.
– Со широка психолошка анализа на современиот морал и етика на живеењето останав само со заклучокот дека смислата на животот е само во барање на смислата-ништо не завршува, освен што продолжува со нови потраги по смислата. Во големиот број ликови во овие шеснаесет раскази драматично зборувам за егзистенционалните проблеми, но само покажувам дека во современи услови се живее во една бркотница од мисли, размисли, верувања и неверувања, ама прошката од другите се бара од нас-за да ни биде простено, изјави Јован Дамјановски.
Авторот вели дека во овие раскази очекува читателот да се сретне не само со голем број ликови и настани извлечени од животот, туку и да се заклучи дали некогашниот морал и етика кореспондира со современите мерила на човечките вредности. Затоа очекува дека расказите по читањето нема да бидат заборави.
– Овие раскази се само еден неутврдено успешен или неуспешен обид за идентификација на македонската душа кои остануваат како подзаборавени простори на стварноста и сонот. Психолошката структура на луѓето, а особено менталната хигиена ги толкувам според Карл Густав Јунг, таткото на аналитичката комплексна психологија зошто тој е врвен истражувач на човековата личност. Една од пораките во овие раскази е дека човекот живее каква што му и душата. Илузиите се случуваат и во сонот, но се анализираат во јавето, за соништата потоа да се заборават, вели Дамјановски.
Писателот е роден 1946 година во Тетово, а е доктор по науки и универзитетски професор. Досега објавил 18 романи, две драми, две збирки со раскази, учествувал во две големи публицистички дела, изработил стотина текстови за документарни филмови и голем број рецензии за книжевни дела.