Стојаноска: Програмата на МТФ „Војдан Чернодрински“ од 2023 година се вика „Враќање дома“

stojanoska_353543

 Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е најголемата и најзначајна манифестација која, велат, го оценува мигот во кој се наоѓа македонската театарска уметност. Веќе 56 години се одржува во Прилеп. Од неодамна, Фестивалот има нов претседател на Собранието и нов уметнички директор.

Од наредното 57. издание, професор д-р Ана Стојаноска и театролог, ќе се грижи за новиот облик на МТФ „Војдан Чернодрински“ – и содржински и уметнички. Најавува фокус на домашниот автор, театарска уметност преку цела година и, едноставно, „Враќање дома“ на уметноста која преживеа големи „болки“ со пандемијата, но и со својствена адаптибилност ги присвои новите облици за театарот да допре до сите.

– Од оваа, или, конкретно од следната 2023 година, мојата програма се вика „Враќање дома“. Тоа е симболично враќање на Фестивалот и на фестивалската публика, а и мое враќање во Прилеп. Ова е и симболиката според насловот на драмата на Горан Стефановски „Чернодрински се враќа дома“. Целта ми е да потсетам дека Фестивалов е на домашната драма. Место каде домашните автори, не само оние што ги знаеме, туку и оние кои треба допрва да ги дознаеме, може да си го најдат својот дом. Така тргна мојата приказна за Фестивалот за оваа програма. Целта е да се направи театар за сите, вели Стојаноска во интервју за МИА.

Во интервјуто што подолу е објавено во целост, Стојаноска открива и дали ќе се вратат разговорите на „тркалезната маса“ и како ќе се обиде да го поттикне домашното творештво.

Ќе добие ли нов облик МТФ „Војдан Чернодрински“ ?

– Од оваа, или, конкретно од следната 2023 година, мојата програма се вика „Враќање дома“. Тоа е симболично враќање на Фестивалот и на фестивалската публика, а и мое враќање во Прилеп. Ова е и симболиката според насловот на драмата на Горан Стефановски „Чернодрински се враќа дома“. Целта ми е да потсетам дека Фестивалов е на домашната драма. Место каде домашните автори, не само оние што ги знаеме, туку и оние кои треба допрва да ги дознаеме, може да си го најдат својот дом. Така тргна мојата приказна за Фестивалот за оваа програма. Целта е да се направи театар за сите. И, не само што ќе се случува на овие театарски сцени, туку ќе се случува и на улица, по плоштадите, на алтернативните простори кои Прилеп ги има многу. Како прилепчанка ги знам тие простори и сакам да ги активирам. Идејата е секој месец да се направат случувања поврзани со Фестивалот, до самото негово одржување во јуни. Ќе почне на 9 јуни 2023 година. Тоа значи дека избрав еден датум, 27 во месецот, поради 27 март – денот на Театарот и секој месец ќе објавуваме настани, поврзани со МТФ „Војдан Чернодрински“. Фестивалот треба да ја врати публиката во гледалиштето, да им овозможи на сите уметници дом за времето на фестивалските денови. Не само да се дружат, туку и да се едуцираат. Да биде матицата на македонските театри. Едноставно, да биде место каде ќе ви биде убаво и да дојдете да настапувате, но и да дојдете да гледате.

Го нагласувате домашното драмско творештво. Често се споменува дека треба да се поттикне. Па, каде сме со домашното творештво?

– Ќе се искористат неколку типа јавни повици. Прво ќе биде повикот до сите домашни драмски автори да ги достават своите нови текстови. Фестивалот, во координација со драматурзите во театрите ќе организира едно „читање“ и ќе ги предложи во програмата на театрите за наредната година. Второто ќе се однесува на претставување на независната продукција, но само онаа која има работено домашна драма. Целта нѝ е да го вратиме вниманието кон домашниот автор. Затоа, во фестивалската програма има „автор во фокусот“. Од оваа година, тоа ќе биде Коле Чашуле, наредната е Горан Стефановски. Во соработка со прилепската градска библиотека, од роднокрајната збирка, ќе ги „извадиме“ роднокрајните драмски автори, зашто, сметам, Прилеп има одлична збирка роднокрајни драмски автори. Паралелно се и едукативните работилници. Уште сега, од ноември, почнуваме со едукативната програма. Две основни и две средни прилепски училишта со актерите од Театарот и со ментор од Скопје ќе работат на текстот „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле. Без таа „вејка“ ќе немаше модерна драма во Македонија. Ќе ги отвориме вратите за секој нов автор и враќање на таа традиција.

Сите, со носталгија, бараат на „репертоарот“ на Фестивалот да се вратат разговорите на „тркалезната маса“. Повеќе да се говори за театарот да се разменуваат ставови, мислења, критики и доблести за претставите. Има ли можност за тоа во ова кризно време, кога, главно финансиски, се одразува на културата и уметноста?

– Главната моја цел е да се вратат, да ги има и сите гости да бидат присутни во Прилеп. Токму затоа, би сакала да упатам молба до сите пилепчани – Прилеп да биде домаќин во вистинската смисла на зборот. За време на Фестивалот ќе има разговори на тркалезната маса, директни, а ќе има и новитет, а тоа се поткастите. Младата публика денеска функционира на социјалните мрежи, поврзано со новите медиуми што се појавуваат. ќе има два типа на поткасти – еден за тековната продукција, и еден историски, да го наречеме момент на сеќавања за Фестивалот што бил. Ќе разговараме со оние луѓе кои претходно го создавале, биле учесници или креатори на Фестивалот. Фестивалот е измислен за да се дружат луѓето и од оваа година решава да им оддаде почит на сите што нешто направиле за овој Фестивал. Ќе има изложба насловена „Луѓето на Фестивалот“. За сите што довеле оваа традиција во 56 години, а и понатаму, да опстојува.

Пандемијата беше, се чини, најголема „болка“ за театарот, зашто го запре тој миг на театарско творење, оти театарот е „живата уметност“. Се опорави ли театарот?

– На функцијата дојдов кога програмите во театрите се во тек. Од една страна, ми се скратени можностите, но од друга, можам да дејствувам за наредните години. Пандемијата остави влијание кај сите нас, првенствено како луѓе од културата и сега треба да тргнеме да се опоравуваме. Мислам дека со помош на театарот тоа ќе го направиме. Театарот е колективна уметност која најмногу страдаше од сите уметности. Но, за разлика од другите уметности, има фантастична моќ да се приспособува и да опстои. Во едно интервју реков: Театарот е пиреј. Може да опстои каде и да го „фрлите“. Затоа, на Фестивалот сакам да опстои тој уличен, патувачки театар. Тоа е независно од програмата. Ќе бидат вклучени многу уметници кои се занимаваат токму со таа форма и се обидуваа за време на пандемијата да создаваат театар. А придобивките од пандемијата се дигиталните средства и ќе ги користиме. Речиси 70 насто од Фестивалот ќе биде поставен „он лајн“, за да биде пошироко достапен. Да, театарот е овде и сега, да, ќе го направиме Фестивалот да биде овде и сега, токму во Прилеп, меѓутоа публиката пошироко убаво е да види што се случува. Ќе биде достапен преку социјалните медиуми, преку веб-страницата, мобилна апликација, преку подкастите, преку разни интервјуа…

Почнаа ли фестивалските активности или по Нова Година?

– Веќе почнаа официјално. Од мигот на првата средба со Собранието на Фестивалот. Ќе гледам сѐ од тековната продукција на театрите и од неа концепт преку кој ќе ја направам селекцијата. Концептот ќе биде образложен до 30 април наредната година, според фестивалските пропозиции. Ќе гледам и независни продукции и ќе ја направам селекцијата. Ќе биде во два формата: едниот е официјалната селекција, другиот формат е Офф или придружната програма, вклучувајќи ја домашната драма од независната продукција.

Елизабета Митреска

Facebook
Twitter
LinkedIn