Во Делчево синоќа се одржа солистички концерт на акустична гитара во чии рамки свое претставување имаше Дејан Лазаревски, професор во Средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ и вонреден професор на УГД Штип. Пред присутната публика авторот се претстави со одбран број композиции карактеристични за ваквиот вид концерти.
-Започнавме со сонатина меридиниал, имавме пиеса од Шуман аранжман на Мерц, прошаравме до Бразил и Марко Переира, потоа отидовме на балкански композиции, од Воислав Ивановиќ отсвиревме две пиеси, за на крај да завршиме со Душан Богдановиќ и пет балкански минијатури, рече Лазаревски.
Гостувањето во Делчево, како што додаде, доаѓа по концертите со квартет гитара во Скопје и Битола, по што на 30 јуни сите љубители на неговата изведба ќе можат да во видат во рамки на Штипско културно лето.
Организатор на концертот беше НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ чиј уметнички директор Методи Толевски изрази задоволство од посетеноста на настанот.
-Иако времето беше многу лошо, јас сум задоволен од одѕивот, публиката беше задоволна од изведба на Дејан. Веќе за шест дена ќе имаме нов концерт кој го одложивме поради невремето, значи во четврток на 22 јуни ќе имаме концерт Дијалози на кларинет и пијано, рече Толевски.
Од установата информираа дека во тек се подготовките за Делчевско културно лето за што повеќе детали најавија за наредниот период.