Со отварањето на изложбата ,,Raffaelo: Opera Omnia” се одбележа започнувањето на ,,Неделата на италијанскиот јазик во светот”


Вчеравечер се одржа отворањето на изложбата ,,Raffaelo: Opera Omnia” со која се одбележа започнувањето на ,,Неделата на италијанскиот јазик во светот”.  Поради почитување на протоколот утврден за посета на музеи и одржување на настани во затворен простор, отворањето беше од затворен тип со строго утврден број на гости.


 

На отворањето се обратија директорката на Археолошкиот музеј, г-а Славица Бабамова, која изјави:

,,Особена чест е да се биде домаќин на изложба која ги претставува врвните уметнички дела на Рафаело Санти, великанот не само на италијанската, туку и на светската уметност, кој творел во времето на ренесансата, време во кое се оживуваат универзалните вредности и доблести на антиката. Благодарение на иницијативата на Амбасадата на Италија во Скопје, од вечерва, па во наредните два месеци имаме исклучително убава можност да видиме дел од неговиот опус. Набљудувајќи ги сликите во текот на поставувањето на изложбата последниве денови, единственото што може да се каже е дека зборовите не се потребни. Доживувањето на секој од ликовите претставен на портретите е уникатна лична средба со современик или со соговорник и тоа е најсилната причина поради која се зголемува воодушевувањето и длабоката почит пред грандиозноста на сликарскиот талент на Рафаело. Во рамките на својата стратегија за посебно внимание кон едукацијата на сите возрасни групи и инклузивноста на музејот, а во целосна согласност со заложбите на Амбасадата на Италија во Скопје, за посета на оваа изложба и едукативни работилници се повикани училиштата од сите нивоа во Република Северна Македонија: основни, средни и високи. Соработката, особено во полето на археологијата, меѓу Северна Македонија и Италија ќе се интензивира и во многу блиска иднина.

За реализацијата на оваа изложба им должиме посебна благодарност на Мирко Мерлетти од РаиКом, на стручниот тим од Археолошкиот музеј: Ирена Колиштркоска Настева, комесар на изложбата, Марјан Јагликовски, извонреден познавач на ренесансната уметност, Мартин Гиевски, Елена Рафајловска, Ива Лабан, Марија Колевска Димишковска, Стеван Илијевиќ, Иванчо Велков, Бранислав Атанасковиќ, Марина Спирова, Наталија Данаилова, Ивица Стојановиќ и Реџеп Беќировски.”

На присутните им се обрати и Абасадорот на Италија, Н.Е. Андреа Силвестри:

,,Можам да кажам дека сум особено горд, што како Амбасадор на Италија имам можност за прв пат да го најавам започнувањето на Неделата на италијанскиот јазик во Скопје, со оддавање почит на еден од најголемите великани, италијанскиот уметник Рафаело Санти (Санцио), кој е дел од ,,Светото тројство” на ренесансата заедно со Леонардо и Микеланџело. Оваа тројка е дел од проектот ,,Опера Омниа”. Овој проект е заедничка иницијатива помеѓу италијанското Министерство за надворешни работи и интернационална соработка со телевизија РАИ и е куриран од еден од водечките уметнички експерти во Италија и пошироко, проф. Антонио Паолочи. ,,Raffaelo: Opera Omnia” не е само изложба. Тоа е патување низ времето, низ емоции и изрази на личности прикажани толку верно од магичните раце на Рафаело. Минатата година Италија ја прослави 500 годишнина од неговата смрт. Починал многу млад, но успеал да остави неизбришлива трага во историјата на уметноста. Оваа изложба претставува патувачка колекција со високо технолошки квалитет на внимателно избрани репродукции од 14 портрети направени од ,,il Grande Maestro” на кои вечерва ќе им се восхитуваме заедно. Благодарение и на модерните дигитални музејски технологии, во холот на Археолошкиот музеј е поставена т.н видео коцка што ќе ги води посетителите низ животот и делата на сликарот, запознавајќи ги со вечните вредности на скапоценото уметничко наследство од минатото”.

Настанот беше испочитуван и од премиерот на РСМ, г. Зоран Заев кој испрати своја порака:

,,Ова е настан за уште една средба со италијанската култура. Средби кои се секогаш инспиративни. Низ историјата на нашата цивилизација нема ниту една генерација која не била инспирирана од бесценетата и исклучително богата културна ризница на Италија.

Рафаело, со Леонардо Да Винчи и Микеланџело,  се големото тројство на италијанската ренесанса.

Од вечерва сите ќе ја имаме привилегијата низ репродукциите на дел од неговите портрети и дигиталната изложба за делата на Рафаело, да ја доживееме уште еднаш неговата грандиозна уметност. Република Северна Македонија и Република Италија редовно потпишуваат програми за соработка во областа на културата, образованието и науката, и испишуваат нови страници за соработка и запознавање и преку уметниците и културните традиции на двете земји.

Италија, тргнувајќи од сопственото искуство за значењето на културата за една земја, во исто време е и една од земјите кои многу силно го поддржува и претставувањето на културите на другите на нивната културна сцена.

Нашата земја секоја година, во рамките на чествувањето на Свети Кирил во Рим, има свои денови за презентација на македонската култура и традиција, a во изминатите години имавме впечатливи претставувања и на Биеналето во Венеција.

Соработката со земји како што е Италија, е пример како треба да соработуваат и земјите на Балканот за креирање на една заедничка и убава иднина за сите наши граѓани.

Во мое име и во име на Владата на Република Северна Македонија, Ви посакувам успешна реализација на манифестацијата ,,Недела на италијанскиот јазик и култура”, која се одржува веќе 21 година, и токму затоа ја сметаме и како наша.”

Изложбата ќе биде отворена до 20.12.2021, влезот ќе биде бесплатен. Во рамките на својата стратегија за посебно внимание кон едукацијата на сите возрасни групи и инклузивноста на музејот, а во целосна согласност со заложбите на Амбасадата на Италија во Скопје, за посета на оваа изложба ќе се организираат и едукативни работилници и предавања за кои веќе се повикани училиштата од сите нивоа во Република Северна Македонија: основни, средни и високи