Сликовницата „Три мали волчиња“ од грчки преведена на македонски јазик


Во книжарниците на ТРИ пристигна сликовницата за најмалите читатели „Трите мали волчиња“ од Евгениос Тривизас, преведена од грчки јазик од Емилија Мајсторова-Стојановска. Од ТРИ информираат дека со оваа книга ја почнуваат едицијата „Читаме заедно“ – проект што ќе ги запознае читателите, особено најмалите, со книжевните разновидности.


 

– Во оваа сказна, напишана и илустрирана во стилот на сликовниците со кои израснаа многу генерации, се сретнуваме со една поинаква верзија на традиционалната детска класика за волкот и трите прасиња. Овој пат трите волчиња ги снајдуваат неволи со големиот Гицо Гнасец. Преку многу забавни авантури, учиме за вредностите и развиваме чувство за етика и естетика. Евгениос Тривизас, грчки социолог и автор за деца, пристапува до свеста на најмалите преку текст и илустрации што ќе им развијат префинет вкус за уметноста и за вистинските животни вредности, информираат од книжарниците ТРИ.

Оттаму посочуваат дека целиот проект, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, овозможува квалитетни преводи од десет различни културно и лингвистички обоени средини.

– Меѓу десетте книги наскоро ќе читаме уште четири дела наменети за деца од големи автори како Туве Јансон и Итало Калвино. Една од идеите на овој проект е да продолжи традицијата на интересни и поучни наслови за сите читатели – по сечија желба и за секоја возраст. Стимулирајќи ја имагинацијата кај децата со избрани книги за нивна возраст, почнувајќи од оваа сликовница, го отвораме книжевниот проект што ќе го донесе најдоброто од европската литература со трајни вредности, потенцираат од ТРИ.