Центар за култура „Ацо Шопов“ го објави конкурсот за драмски текст за деца. Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Горан Трајков на денешната прес-конференција информира дека рокот за доставување е до 30 септември, по што Комисијата ќе ги разгледа пристигнатите текстови и за најдобриот ќе одлучи до средината на месец октомври.
Правилата остануваат исти како и минатата година, а ќе бидат објавени и на официјалната страница на Центарот.
– Секој автор со навршени 18 години може да достави два драмски детски текста со тоа што ќе биде награден само еден текст. Комисијата ќе биде формирана и тајна ѝ ќе бидат доделени текстовите на 30 септември. Значи, рокот е до 30 септември, од кога имаат 15 дена рок за да одлучат кој е најдобриот текст, вели Трајков.
Најдобриот текст ќе биде парично награден и поставен на сцена, а наградената пиеса и другите две што ќе влезат во потесен избор ќе бидат препорачани на сите културни институции кои имаат можност за сценски изведби.
-Ќе бидат наградени три текста, првонаградениот ќе биде парично награден и ќе биде поставен на сцена. Наградниот фонд за првиот текст е 60.000 денари во бруто износ и печатење на пиесата во 100 примерока, рече Трајков.
Конкурсот се објавува втора година по ред, минатата година имаше пријавено 15 текста. Најдобриот беше насловен „Ајварко, Кифи и мистер Хамбургер“ од Огнен Неделковски, кој беше испечатен и поставен како театарска претстава. За разлика од минатата година, кога финансираше Министерството за култура, оваа година конкурсот е самофинансирачки од Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип.