Шест години од впишувањето на пијанечкото оро Копачка на листата на УНЕСКО


Орото Копачка – меѓу најпознатите пијанечки брендови, навршува шест години од впишувањето на листата на УНЕСКО, како нематеријално културно наследство на човештвото.
Фолклорната група „Копачка“ од делчевското село Драмче, која со години го изведува орото, сега има 35 членови. Највозрасниот член на групата е Данило Стојчевски,  познат како дедо Дафчо,  долги години е ороводец на Копачката. Меѓу најмладите членови на групата, предничи групата на тапанџии, кои пред неколку години ентузијастички почнале да доаѓаат и да учествуваат во програмите за изведба на Копачката и оттогаш се редовни во групата.
Состојбата со Ковид-19 годинава не им дозволи на членовите на групата  да ја одбележат шестгодишнината од влегувањето на „Копачката“ на листата на УНЕСКО. Сепак, одбележувањето на настанот, како што информира Перса Стојановска, секретар на Здружението Фолклорна група „Копачка“ од Драмче, ќе се реализира на социјалните мрежи, преку потсетување на активностите кои групата ги имала во изминатите пет години по влегувањето во УНЕСКО.
– Годинава се навршуваат шест години од впишувањето на орото Копачка во УНЕСКО, на репрезентативна листа на нематеријални културни наследства на човештвото. Пред тоа претходеше еден процес во кој мораше да биде орото заштитено на национално ниво и тоа се случи на 8 август 2012 година, кога во Службен весник беше објавено дека нематеријалното културно добро, орото „Копачка“ се заштитува на национално ниво од исклучителен интерес. Минатата година направивме една голема и гламурозна прослава за впишувањето на орото Копачка во УНЕСКО и неговата петгодишнина по повод тој мал јубилеј, но поради пандемијата годинава немаме можност да организираме настан. Но ќе ги користиме материјалите од тој јубилеј за да можеме на нашата фејсбук-страница да се потсетиме на значајниот датум, рече Стојановска.
Освен одбележувањето на шестгодишнината од впишувањето на репрезентативната листа на УНЕСКО, годинава, како што додаде таа, планот беше да бидат реализирани три проекти.
-Во процедура е проектот „Со опремување до одржливост“ финансиран од Министерството за култура. Всушност, го завршивме делот за комплетирање на 10 женски пијанечки изворни носии за нашиот подмладок на женски членови на фолклорната група „Копачка“. Горда сум на тој проект со којшто со 14 елементи на пијанечка изворна носија, сите откупени на терен, комплетиравме и направивме носии со кои можеме да се гордееме. Се надеваме дека идната година ќе се средат работите со коронавируот и дека ќе можеме да се вратиме на сцената како носители на орото Копачка, со што  повторно ќе го претставуваме во земјава и во странство, додаде Стојановска.
Поради пандемијата, додава таа, откажан е настанот Балканска палета во Софија, кој исто така бил дел од предвидените активности на групата.
-Во меѓувреме, реализиравме дел од проектот „Копачка 2019“, преку кој обезбедивме опинци, кои со нашите настапи дотрајуваат и е потребна континуирана обнова. Во делот од проектот кој го реализираме преку Општината, секоја година додаваме елементи на машка пијанечка носија за да ја комплетираме дел од машката носија на нашите членови. Годинава во тој поглед работиме на машки „потури“ со средства од Општината преку проектот „Предизвици за одржливост на Копачката во УНЕСКО“, додава Стојановска.
Таа се осврна и на гостувањата на Фолкорната група по впишувањето во УНЕСКО и рече дека имале многу повеќе настапи во странство, отколку претходните години. Меѓу
позначајните ги спомна учество на фестивал во Будимпешта, турнеја низ Србија и Словенија, настап на „Јаношиќеви денови“ во Словачка каде што, рече,  учествувале носители на други светски културни наследства пред повеќе од  80 илјади  публика.
– Имавме и редовни учества на фестивали како „Етно глас“ во Панчево, во Белград настапувавме во Народниот театар, настапувавме на Денови на македонска култура во Ниш. Чести гости сме и кај нашите блиски соседи во Бугарија, кај здружението „Леб и вино“, кои секоја година организираат настани за Божик и Ѓурѓовден. Настапувавме и во  Македонскиот културен центар во Софија, како и во градови и села во Бугарија, додаде Стојановска.
Таа на сите носители на фолклорното добро – орото Копачка, им посака добро здравје и изрази надеж дека ќе се вратат добрите времиња кога групата ќе ги продолжи заедничките проби за враќање на кондицијата и настапите на фестивали.