Сестраната уметност на беровецот Блаже Буровски


Сестраната уметност на беровецот Блаже Буровски - МИА

Берово, 29 мај 2020 () – Блаже Буровски е дипломиран музичар, теоретичар, педагог, сонолог, воедно и ликовен уметник од Берово. Татко е на три ќерки кои, како што вели, се негова најголема инспирација во животот. Омилена ликовна техника му е графиката, додека автор е на голем број инструментални дела и музички композиции од различни жанрови, најчесто поп-рок. Во родниот град е препознатлив по големиот број ликовни дела. Љубовта кон уметноста заедно со музиката, како што вели, датира откако знае за себе.

– Би рекол дека отсекогаш постоеше љубов кон уметноста во мене. Пред сè, љубовта кон музичката уметност, а паралелно со тоа и љубовта кон ликовната уметност, која со текот на годините постојано ја истражував и се обидував да најдам свој сопствен стил. Впрочем, секој уметник е склон и пасиониран од повеќе различни уметности, што не е исклучок и кај мене, вели Буровски.

Графиката е негова омилена ликовна техника и таа преовладува во неговата работа.

– Во глобала јас сум графичар и преферирам слики во графика. На ова се поттикнав сосема случајно кога пред околу 20 години сакав да создадам сопствен стил на графичко изразување, во што мислам дека донекаде и успеав, со тоа што сите мои слики изработени во оваа техника се всушност вкрстени линии, кои многу добро можат да се забележат кога сликите ги гледаме од помала далечина. Во оваа техника се пронаоѓам самиот себеси, но, исто така, пред помалку од една година почнав да работам со акрилни бои, кај кои како подлога користам стари ќерамиди, како и дрвени платна, медијапан и слично, додава Буровски.

Најголема инспирација за делата на Буровски е најчесто секојдневието, но во неговата уметност е забележлива и љубовта кон родниот крај.

– Мотив ми е сето она што ме опкружува, сите настани, минатото, историјата, сегашноста, иднината… Секој уметник пронаоѓа инспирација во сè, дури и во соновите. Исто така, отсекогаш ѝ се восхитував на староградската архитектура и она што е препознатлив белег на Берово, но и на селските населби во Малешевијата. За жал, многу објекти изградени пред стотина години и кои се прогласени за културно наследство моментално се во доста лоша состојба и во фаза на распаѓање, додека графиката како стил на ликовно изразување е доста погодна за пренесување на овие мотиви во ликовна композиција. Со тоа, во текот на годините имам направено доста голема архива на фотографии од стари градби од Берово и сите селски населби во Општина Берово, од кои доста од нив ги имам пренесено на хартија, а секако имам направено и повеќе слики со мотиви од старо Берово, како и други комерцијални и приватни објекти во Беровско, додава беровскиот уметник.

Освен сликарството, музиката е неговата прва љубов. Ова е разбирливо ако се има предвид дека Буровски е дипломиран музичар.

– Пред сè јас сум дипломиран музичар теоретичар – педагог, сонолог, со што моја прва љубов е музичката уметност. Со самото тоа музиката претставуваше многу поголема пасија за мене и постојано создавав музички композиции во различни стилови и жанрови од инструментални дела (пред сè клавирски композиции), класични композиции и вокални дела – песни во поп-рок стил и слично. Она што го имам споделено на Јутјуб е дел од мојот авторски репертоар во кој сакав да продуцирам не само популарна музика, но и музика во етностил, филмска музика, како и нешто во хаус и технофазон. Покрај ова тука се и песничките што ги имам напишано за моите ќерки, кои последните неколку години настапуваат на детските музички фестивали во Берово и регионот, вели за својата прва љубов музиката.

Да се живее во мало гратче како Берово за Буровски е предизвик, бидејќи, како што вели, многу порелаксирано е да се твори во мал град отколку во поголемите градови. Неговите три ќерки се најголемата инспирација и неретко знае знаењето да им го пренесе ним.

– Токму трите ќерки се мојата најголема инспирација во мојот живот. И самите се со доста изразен музички и уметнички талент, па доста често ги поттикнувам на истражување и пренесување на сето знаење што го имам стекнато на двете полиња, додека живеењето во Берово како мало гратче е многу подобро отколку живеење во поголеми градови, каде што сè повеќе се забележливи забрзаноста на живеењето и брзиот ритам на живот. Берово нуди многу и останува на нас самите да го одредиме правецот на нашето движење и правилното канализирање на енергијата што ја имаме, што впрочем е доста лесно, особено за нас, уметниците, кај кои тишината е најважна за создавање уметнички дела, било музички или сликарски, додава на крајот од разговот Буровски.

Сестраниот уметник од Берово е вработен во Општина Берово и често е вклучен во организацијата на музичките настани што по разни пригоди се организираат во градот. Актуелната ситуација со коронавирусот му остава повеќе време за творење, а неговите дела редовно можат да се видат на неговиот профил на социјалните мрежи.

Валери Спасевски


Здравствените власти апелираат пациентите да кажуваат точни податоци и да се почитуваат препораките - МИА
Вести

Од новите 165 случаи на КОВИД-19, 71 заразен во Скопје

Скопје, 3 јули 2020 () – Од регистрираните нови 165 случаи на КОВИД-19 во државата, согласно денешните податоци на Институтот за јавно здравје, најголемиот број, 71, се од Скопје. Според статистиката на Министерството за здравство, […]

Британски експерт смета дека коронавирусот ќе циркулира најмалку до 2021 година - МИА
Вести

Нови 165 случаи на Ковид – 19, седум починати, 128 оздравени

Скопје, 3 јули 2020 () – Во последните 24 часа се направени 1.454 тестирања, а регистрирани се 165 нови случаи на КОВИД-19 од кои во Скопје-71, Куманово-15, Дебар-1, Штип-10, Прилеп-5, Тетово-20, Струга-3, Велес-1, Битола-3, Охрид-10, […]

Излез од државата само со потпишана изјава, за влез неопходен корона тест - МИА
Вести

Границите со Србија и Косово засега остануваат отворени

Скопје, 3 јули 2020 () – Владата нема добиено препорака од Комисијата за заразни болести, ниту има донесено одлука за затворање на границите со Србија и Косово, потврди денеска премиерот Оливер Спасовски. Во моментов останува […]