Ретроспективна изложба „Четриесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“


Ретроспективната изложба „Четриесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“ ќе се одржи на 3 декември на плоштад „Македонија“ во Скопје, во 12 часот.


 

Оваа изложба со која се означува четридецениското творештво на Делимар е во кураторство на Ивана Васева и е дел од програмските активности на организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“.

Станува збор за прво претставување на Делимар во земјава и изложбата вклучува три видео перформанси: „Прошетка како Лејди Годива“, „Двајца мажи и една жена” и видео перформансот специјално подготвен за оваа изложба и насловен „Копнеж за Македонија“, кои ќе бидат прикажани на голем видео екран на плоштад Македонија. Овој видео екран е истовремено и изложбен простор кој може да биде и „бела“ но и „црна“ коцка и во овој случај е единствено место каде се случува ретроспективата на Делимар.

„Изложбата „Четириесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“ во Скопје во „она време што го знаевме“ би се манифестирала преку архива на нејзини минати дела, како и понуда од реизведби на перформанси од самата авторка, во обид да се извлече архивата на времето во нејзиното тело или што точно нејзиното тело памети. Реенакментите или реизведувањето на идеите преку нејзиното тело нема за цел да ги повтори работите онака како што биле, туку критички да се пристапи кон нив – колку тие се промениле, дали биле доволно критички и јасни и дали токму таквата субверзија била „најправилниот“ пристап во овој свет преполн со манипулации.

Но во овој сегашен момент се соочуваме не само со тоа како да се „предаде“ перформансот од минатото туку и флуидниот, ранлив и минлив карактер на самиот перформанс – дали во форма на реенактмент од самиот автор, како жива архива или како документација, се соочува со уште посериозен удар, а тоа е токму неговата изведба. Како да се изведе кога владее пандемија на коронавирус?Ангажирањето на тела во специфичен простор, време и начин стана ризична мисија, како впрочем и целото восприемање на уметноста и културата. Но се чини дека творештвото на една од најпознатите перформанс уметнички во Хрватска и пошироко, Власта Делимар, во овој меѓупериод, може да нè поттикне да размислуваме за работите – онака како што биле и како ќе бидат – и за тоа во каков свет живееме и каков свет посакуваме. Пандемијата нè соочи со уште едно нешто – сигурноста на домот на уметноста кој уште повеќе ја засилува автономијата на уметноста во нејзината најбуквална варијанта и доколку остане само таму, таа може да биде каква што сака, да биде сè – додека се наоѓа во својот дом. А уметноста на Власта Делимар не може да биде таква. Таа не може да се конформира, особено затоа што постојано нè потсетува на неконформноста со секојдневниот шовинизам и сексизам, на неподлегнувањето на притисокот од нормирањето, од општествено наметнатите конвенции за женската сексуалност, сексуалниот идентитет и родовата рамноправност, на патријархалното општество и малограѓанскиот морал, на нескротувањето на уметниковата идеја сè додека трае ова, но и на човечноста, искреноста и веродостојноста. И на тоа таа постојано и неуморно нè потсетува, со присуството на нејзиното тело, како што нè потсетувала од почетоците на својата кариера.

А присуството на нејзиното голо, природно, егзистенцијално, немирно, неразубавено и непоколебливо тело го потенцира неговото отсуство во земјава, но и постојано го потенцира отсуството на знаење за прифаќање на различноста, отуството на сфаќање за другиот, па и за себе си, етикетирањето, неискрената врска со себе и скриените и потиснати предрасуди. Делимар е бескомпромисна во она што го прави и во текот на сите 40 години. Останала доследна и не потпаднала под никакви трендови. Во целата општествена промена, таа е единствената константа – „за неа времињата не се менуваат.“

Оваа нејзина изложба си игра со присуството и отуството. Со еден критички начин на кој функционирала сцената со својот институционализиран модернизам кој не се занимавал суштински со себекритика и преиспитување на својот самоколонијален или автоколонијален став од западните центри на моќ, а од друга страна и со она што таа треба да нè потсети – дека телото памети и не се откажува од својата борба за слободата на изразувањето во која било форма“, вели кураторката Ивана Васева во својот текст за изложата.

Изложбата во Скопје е дел од серијата изложби „Четириесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“, со кои Делимар одбележува 40 години од својата уметничка работа преку изложбена турнеја низ градовите на поранешна Југославија каде што работела на почетоците на својата кариера, во доцните 70-ти и 80-ти години на минатиот век. Во тој период била формирана силна уметничка сцена на современа уметност, сцена која на некој начин го формирало нејзиното творештво. Во текот на 2020 година требаше да се одржат изложби во градовите на поранешна Југославија, вклучувајќи ги Љубљана, Загреб, Ријека, Сараево, Цетиње, Нови Сад, Белград, Скопје, сите различни и со различен пристап кон нејзиното творештво. Во ноември 2019 година се одржа првиот настан во Културниот центар Месничка во Загреб, како најава за целиот проект. Тоа е и првиот настан бидејќи пред 40 години, во 1979 година, таа го извела својот прв јавен настан со Жељко Јерман. Потоа следуваше изложба во Загреб, во јануари 2020 година, во ХДЛУ и во Галерија Шкуц во Љубљана, а сега и во Скопје. Сите останати изложби, поради новонастанатата ситуација со светската пандемија, се одложени за 2021 година, кога ќе се произведе и заедничка книга како целина од кураторските и теориските текстови.

Власта Делимар (1956 година, Загреб) е една од најпознатите и најзначајните уметнички на денешнината. Таа е една од клучните фигури кои го дефинирале современиот перформанс низ призмата на сопственотот тело како медиум и содржина – женското, голо тело кое и во денешното општество сè уште не престанува да биде точка на контроверзии. Истражувајќи го во своето творештво феминитетот, женско-машките односи и стадиумите на животниот циклус – од младоста и желбата, преку партнерството и мајчинството, па сè до стареењето – во јавниот простор изнесува автобиографски наративи што го преиспитуваат разграничувањето помеѓу јавното и приватното и нормативите на политиката на идентитетот. Во 1977 година дипломирала на Факултетот за применета уметност во Загреб. Студирала историја на уметност и етнологија. Членува во Здружението на уметници на Хрватска и Здружението на хонорарни уметници на Хрватска. Делимар е уметничка директорка на организацијата „Мојата земја, Штаглинец” и е организаторка на Меѓународниот фестивал за перформанс во Штаглинец. Таа е бескомпромисна во критиките на идеологиите со кои се занимава во својата уметничка кариера што ја започнала во раните 70-ти години на минатиот век. Добитничка е на наградата „Седум секретари на СКОЈ“ во 1986 година. За себе вели дека не поддржува идентификација или припадност на која било идеологија, религија, политичка партија или држава, а се залага за човековите права, слободата на индивидуалноста, почитувањето на различностите и екологијата. Таа има богата интернационална кариера и досега се претставувала во Белград, Белфаст, Берлин, Болоња, Будимпешта, Бидгошчт, Бафало, Дуизбург, Франкфурт, Женева, Глазгов, Грац, Касел, Клагенфурт, Кјото, Лондон, Лион, Њујорк, Одензе, Париз, Питсбург, Квебек, Прага, Сараево, Сиднеј, Санкт Петербург, Солун, Тел Авив, Токио, Трст, Упсала, Виена, Вајмар, Загреб итн.

Ивана Васева е кураторка и истражувачка на кросдисциплинарни, соработнички и општествено ангажирани дела и програми во современата визуелна уметност. Досега курирала и претставила многу изложби, дискурзивни проекти и различни програми во земјава и во странство и издала и уредила повеќе публикации. За проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ ја доби престижната награда „Златна Трига“ на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година (кураторка на проектот). За истражувачкиот проект „Kолективното делување како политичка, а не организациска одлука“ (2015 година, коавторка) е добитничка на наградата „Ладислав Баришиќ“ на АИКА – Македонија, а е добитничка и на посебната награда за архитектура од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (2014 година, коучесничка). Таа е програмска директорка на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У) и е кокураторка на АКТО Фестивалот за современи уметности кој постои од 2006 година. Васева дипломирала на Факултетот за историја на уметност при УКИМ во Скопје, а специјализирала кураторство на Кураторската програма на de Appel arts centre во Амстердам, Холандија.

Факултет за работи што не се учат (ФР~У) е организација на културни работници кои функционираат во полињата на едукација и продукција на современи визуелни уметности и култура, со посебен фокус на истражувачката методологија, учеството и колективната акција во различни социополитички и културни контексти. Идејата на ФР~У се однесува на едукативни и на практични структури, содржејќи работи/предмети/часови што предлагаат и истражуваат нови модели на предавање и на учење, како и на инсистирање на принципите на споделување, соработка, самоорганизација и заедничко учење. Формиран е во 2000 година како неформална платформа на повеќе уметници, студенти на драмски студии, архитектонски студии и визуелни уметности, додека во 2003 година е основана организацијата за продукција на современи уметности и културни настани.