Промовирано последното дело на Петре Бакевски – „Нова Атлантида“


– Во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје вчера беше промовирано последното дело на македонскиот писател Петре Бакевски – „Нова Атлантида“. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е вброена во едицијата „Македонски книжевни класици“.

 

 

Станува збор за последната книга на којашто Бакевски работел пред својата смрт во 2011 година.

Изданието е сочинето од три пеења – „Бротче од хартија“, „Ecce homo“ и „Јазол од ветрови“. Првиот дел, првично објавен во 2008 година, е добитник на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“. Авторот подоцна се посветил на создавање на другите два последователни дела, кои се заокружени во една целина под насловот „Нова Атлантида“. По првпат, ексклузивно од печат излегува комплетираното дело со сите три пеења. Уредник е Томе Силјаноски, а поговорот го напиша Јелена Лужина.За време на промоцијата, кон Бакевски и неговото творештво се осврнаа неговите долгогодишни пријатели и добри познавачи на неговото дело – критичарката и театролог Јелена Лужина и новинарот и колумнист Ерол Ризаов.Лужина нагласи дека „Нова Атлантида“ треба да се смета за последната авторска книга на Бакевски. Првата негова дебитантска поетска збирка „Пат до летото“ е објавена пред половина век, во 1972 година.

– Се обидов, деновиве, бегло да ја сумирам авторската библиографија на Петре Бакевски и дојдов до податок дека неговото творештво вклучува најмалку 64 единични наслови и уште (најмалку) 20-тина антологии и зборници…Се прашувам во кој временски „меѓупростор“ успевал да ја изнапише таа своја обемна, кадарна, ретко сериозна и мултижанровскa лична библиотека? Таа импресивна низа од стотина единечни наслови меѓу кои – тврдам! – има најмалку десет апсолутно антологиски/севременски книги.  жИскрено се радувам што, токму со оваа, вибрантна, речиси тестаментарната триделна/трисложна поема – „Нова Атлантида“, Петре Бакевски полноправно влегува во ешалонот на македонските книжевни класици, не само во едицијата „Македонски книжевни класици“, втемелена од „Арс Ламина“, рече Лужина.Ризаов истакна дека со Бакевски се познавал повеќе од 40 години и дека тоа познанство „сѐ уште трае“, на свој начин.

– Секогаш кога ме јадат некои јанѕи, посегнувам по неговите дела. Со годините неговите раскази и песни не се менуваат, туку се продлабочуваат, за да добијат, на крајот, една димензија на смирување. Неговите творби се универзални. Не се напишани тукутака, тоа се длабоки мисли. Како автор, но и како уредник, беше пред своето време. Објавуваше изданија, кои можеби денес би се сметале за ерес… Во издавачката куќа, која ја водеше со години, на катот од неговата канцеларија секогаш вриеше од луѓе: се разменуваа мислења, идеи, соработки… Претпоставувам дека се објавија преку илјада наслови… Се паметат и промоциите во негова организација – тие беа грандиозни, беше чудо како беа испланирани и направени, рече Ризаов.

Петре Бакевски (Кавадарци, 5 јануари 1947 – Скопје, 25 август 2011) е еден од најзначајните македонски писатели, интелектуалци и книжевници. Беше долгогодишен главен уредник на книгоиздателството „Детска радост“. Добитник е на низа награди и признанија во македонската културна сфера и пошироко. Неговата книжевна биографија ги вклучува буквално сите родови и жанрови: поетски (во распон од лирски песни до поеми, епски, најчесто испишани во слободен стих), прозни (во распон од раскази и романи, до книжевни и театарски критики, есеи, репортажи, коментари, полемики), драми (секакви, во проза и во стих).Книгата „Нова Атлантида“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн преку www.literatura.mk.