Промовирана монографија 65 години КУД Илинден – Битола


Културно уметничкото друштво „Илинден“ – Битола промовира монографија чиј автор и уредник е Борче Димитровски.


 

Монографијата 65 години КУД „Илинден“ е документ што ќе биде историски значаен за архивата на друштвото и кој сведочи за растот и развојот на друштвото од самите почетоци па се до денес.

– КУД „Илинден“ од првиот ден на формирањето бележи успеси и затоа сегашната генерација што сега е вклучена во активното работење на друштвото не сакаше да го пропушти моментот, и одлучи да изработи монографија. Тимот што го формиравме работеше со голема енергија и љубов, и задно работевме со Љупка Стефановска, м-р Валентин Соклевски и Александар Стефановски. Собиравме документација, интервјуиравме многу соговорници, посебно тешко и беше да се истражи раниот период или деновите од формирањето на друштвото, за да на крајот собереме доволно фотографии и документи, како и медиумски објави кои ги сместивме во монографијата која содржи 300 страници, истакна авторот Димитровски.

Монографијата содржи посебен дел за настапите на КУД „Илинден“ во улога на амбасадор на културата надвор од државата, еден дел е со превод на англиски јазик за презентација на друштвото во странство, а може да се прочита за ЦИОФФ (светска организација на фолклорни фестивали), за СОФАМ (Сојуз на фолклорни ансамбли на Македонија) и за врската со фестивалот „Илинденски денови“.

Примерок од монографијата има во библиотеката на ЦИОФФ кој е врачен на Филип Бусон, претседател на светската организација на фолклорни фестивали со седиште во Париз, кој деновиве престојуваше на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола.